Првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, запрепасти и налути многумина кога во текот на сафарито во Кенија ставила шешир кој низ делови од Африка симболизира колонијалистичка власт.

Трамп заминала на сафари во текот на претпоследниот ден од својата африканска турнеја која претставува прво самостојно патување во странство. Пред заминувањето во Националниот парк во Најроби, првата дама ги посетила околните сиропиталишта.

Меланија пристигнала на сафарито облечена во беж панталони, светло кафеави чизми, бела кошула и бел шешир. Таа во текот на разгледувањето на паркот ги фотографирала зебрите, жирафите, носорозите и нилските коњи, а застанала и на местото каде некогаш биле запалени 105 тони слонови коски со цел да се обесхрабрат трговците на истите.
Но, сето тоа паднало во втор план поради еден детаљ. Шеширот кој што го носела Меланија при посетата, го носеле европските истражувачи и кралските чиновници во текот на 19-тиот век, за подоцна да го присвојат воените претставници и да го претворат во симбол на угнетување.
Војниците, водичите и експертите за диви животни веќе подолго време не носат такви шешири, меѓутоа тие и понатаму се носат во текот на разни церемонии во некои земји.

“Тој шешир кој сте го носеле, го користеле колонијалистите во периодот на мрачните денови. Тој период не е најдобриот за нас Африканците. Кој ве советуваше?”, напишала Полин Мвало од Најроби на Твитер.
Патувањето на првата дама во Африка, многумина го интерпретираат како обид да се поправи штетата која ја нанесе претседателот Доналд Трамп врз африканските земји кој во една прилика ги нарече “с*ање држави”. Меланија ги посетила Гана, Малави, Кенија и Египет, а воглавно се занимавала со образование, туризам, зачувување на околината и детската добробит.