Секој функционер во државава си се вози во автомобил по сопствена желба платен со државни пари. Земјава нема регистар на возниот парк на институциите, ниту пак методологија која институција колку скапи автомобили може да набави. Она што го собра Центарот за граѓански комуникации во базата на автомобили во министерствата и општините, покажува дека тие располагаат со возен парк вреден 33 милиони евра. Но, ова се податоци од само 97 институции во земјава од вкупно над 1.200.
„Треба да се направи една методологија на кое ниво која државна служба какво возило треба да вози, односно колку скапо. сега секој може да вози какво сака возило, а прашање е дали такво возило вози во приватниот живот.“ – изјави Герман Филков од Центар за граѓански комуникации.
Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, а за 637 патнички возила односно за секој четврти автомобил институциите немале или не доставиле податоци колку чинат.
И министрите и градоначалниците најмногу возат автомобили од марките Шкода, Фолсфаген и Форд. Просечната цена на купените автомобили кај Владата е 16.690 евра, а кај општините 15.000 евра. Просечната старост пак на возниот парк е 12,5 години.
Најскапо возило е познатиот мерцедес кој МВР го набави за екс премиерот Никола Груевски вреден 573.000 евра. Потоа следуваат мерцедесите набавени во 2001 и 2005 година на МНР и финанасии вредни околу 80.000 евра. Но, мерцедеси сакале да возат и градоначалникот на Свети Николе кој во 2010 година си набавил еден за 78.000 евра, како и тој на Кавадарци кој во 2005 година го купил за 70.000 евра. Од поново време пак или во 2014 година Општина Гостивар си купила Ауди А6 за 65.000 евра, а истата година и градоначалникот на Демир Капија се подновил со Пасат тежок околу 63.000 евра. Инаку податоците покажуваат дека владата и министерствата најмногу возила или 379 набавиле во 2008 година, а годинава се набавени 21 автомобил. МВР има убедливо најбогат возен парк, 1.559 автомобили вредни 22 милиони евра.
Извор: 24 Вести