Интервју со Алана Армитиџ, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија

од Vlatko K
112 прегледи

   Регионалната директорка на Фондот за население на ОН (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија, Алана Армитиџ во интервју за МИА истакна дека е забалежан напредок во промоцијата на здравјето, развојот и човековите права на жените во регионот, но оти треба повеќе да се работи на создавање на родово рамноправни општества, справување со брзото стареење на населението и креирање на можности за младите лица.

Изминатите 25 години работите за промовирање на здравјето, развојот и човековите права на жените и речиси две години како директор на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија. Според вас, кои се главните предизвици кога станува збор за промовирање на овие прашања?

– Забележан е голем напредок кога станува збор за прашањата на населението во последните две децении во овој регион. Луѓето живеат подолг и поздрав живот. Жените се повеќе поттикнати да носат одлуки за нивните тела и за нивните животи. Младите имаат повеќе можности од кога било. Во исто време, многу земји се борат да најдат одговор на динамиката на населението со која се соочуваат, бидејќи стапките на фертилитет остануваат многу ниски, населението брзо старее и голем број млади луѓе ги напуштаат своите домови во потрага по подобри можности на друго место. Напредокот е бавен и во креирањето на родово рамноправни општества, а тоа негативно влијае на напредокот во многу други области: од економијата до сексуалното и репродуктивното здравје, како и во борбата против насилството врз жените до зголемување на фертилитетот.

Регионалната канцеларија на УНФПА во Истанбул обезбедува стратешка поддршка и техничка експертиза за партнери и канцеларии во речиси 20 земји низ цела Источна Европа и Централна Азија. Во што се состои од вашата поддршка?

– Регионалната канцеларија може да се опише како знаење и центар за застапување во регионот кога станува збор за прашањата на населението, сексуалното и репродуктивното здравје, родовата еднаквост и младинските прашања. Ние ја поддржуваме одличната работа на нашите канцеларии преку обезбедување на техничка помош и застапување со владите и другите партнери на регионално и глобално ниво за да помогнеме да се подобрат животите на луѓето.

На 1 и 2 октомври во Женева се одбележа 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД). Дали се исполнети вашите очекувања од Конференцијата?

– Мислам дека е фер да се каже дека исходот од Конференцијата ИЦПД+25 ги надмина нашите очекувања. Владите ја потврдија својата заложба за спроведување на Програмата за акција усвоена од значајната меѓународна конференција за население и развој (ИЦПД), и изразија силна поддршка за нашата работата. Ја цениме оваа поддршка и ја гледаме како поттик за нас да продолжиме со нашата работа да создадеме регион во кој секоја бременост, секое породување да е безбедно и да биде реализирфан потенцијалот на секој млад човек.

Кои се заклучоците од Конференцијата во Женева?

–  Учесниците повторно се заложија за спроведување на Програмата за акција на ИЦПД и потврдија дека тоа е важно за постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година. На Конференцијата беше дадена силна поддршка за новата мониторинг рамка, која ќе се користи за следење на напредокот во следните месеци и години.

Кои се следните чекори на УНФПА?

– Конференцијата беше важна пресвртница во нашите напори да ги мобилизираме владите, граѓанското општество, младите луѓе и другите партнери за визијата за достоинство и еднаквост за сите во нашиот регион, вклучувајќи ги и маргинализираните. Ќе продолжиме да им помагаме на владите во подобро искористување на огромниот потенцијал што го имаме во овој регион. Клучната порака од Конференцијата беше дека ова може да се постигне само ако инвестираме во способностите на луѓето, ги гарантираме нивните права и постигнеме напредок во однос на родовата еднаквост.

Марина Илиевска