Сега веќе поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска – Старова, која гласаше во Собранието за отпочнување на процесот за уставни измени а потоа беше исклучена од партијата, изјави дека постапила според сопствено убедување и не добила никакви закани за да гласа. Таа потенцира дека гласала за просперитет на Македонија.
За одлуката која ја донела во Собранието вели дека голема поддршка добила од граѓаните, а најбројни се нејзините сопартијци, притоа додавајќи дека не е воопшто загрижена за својата безбедност. 
Таа не сака да ја коментира одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ја исфрлат од партијата, но вели дека е убедена во фактот дека придонела за подобро утре на државата.
Исмајлоска-Старова истакна дека доколку Владата подаде рака и ги прифати барањата на осуммината пратеници за дополнување на амандманите, таа ќе гласа и за уставните измени.
Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Струга, Мирче Аџиоски, денеска ја повика пратеничката да го врати мандатот. Аџиоски додаде дека 7.700 стружани кои гласаа на предходните парламентарни избори, не и дале легитимитет на Исмајлоска-Старова да гласа за промена на Уставот и името на Република Македонија.