Само неколку глобални технолошки компании можат да тврдат дека 1 милијарда луѓе ги користат нивните производи. Но, Uber сака да се приклучи на оваа престижна група корпорации, пишува „Financial Times“.
Главниот извршен директор, Дара Косровшахи изјави оваа недела дека компанијата има за цел да достигне 1 милијарда активни патници, возачи и клиенти на нејзината услуга за испорака на храна, наспроти околу 100 милиони денес.
Пред две години, компанијата имала само 40 милиони патници кои ги користеле сите нејзини услуги. Но сега Uber се подготвува за големо IPO (првична јавна понуда) следната година, а Дара Косровшахи покажува амбиции за иднината, каде што компанијата ќе биде посредник за сè – од споделени патувања и електрични велосипеди до јавни автобуси и метро.
Веста дека Uber сака да достигне до оваа бројка корисници беше прогласена лично од Косровшахи во рамките на настан на Financial Times во Лондон оваа недела.
Постигнувањето на оваа цел ќе го доведе Uber до играчи како Google, Facebook и Tencent. За разлика од овие компании, сепак, неговиот бизнис модел се потпира на наплаќањето од корисниците, но компанијата и понатаму губи милијарди секоја година.
Повеќе од непрофитабилна апликација за споделено патување
Банкарите веруваат дека проценката на IPO-то на Uber може да надмине 100 милијарди долари, доста над оценката од 76 милијарди долари при последниот нејзиниот круг на финансирање.
Долгоочекуваното излегување на Uber на берзата може да е најголемото за оваа генерација технолошки компании чии приватни проценки пораснаа до десетици милијарди долари благодарение на навидум бескрајниот поток од капитал од богати инвеститори.
Дара Косровшахи
Конкурентите на Uber – Lyft и Didi Chuxing, како и други американски играчи како Airbnb, Pinterest и Palantir, се тврди дека размислуваат да станат јавни во следната година или две.
За Uber и Косровшахи клучната задача пред IPО е да покажат дека компанијата може да биде повеќе од само еден непрофитабилен провајдер на услуги за споделено патување. Во рамките на деценијата во која постои, Uber потрошила милијарди долари капитал за изградба на бизнис за резервации на автомобили во над 600 градови низ целиот свет.
За 2017 година, сепак, компанијата забележа 4,5 милијарди долари нето загуба, а главниот нејзин бизнис се уште е „години наназад“ од профит, коментира Косровшахи на настанот.
„Amazon на транспортот“
Но аспирациите на Uber, кои се клучен дел од обидите нејзини да привлече инвеститори, излегуваат надвор од превозот.
Косровшахи ја опишува оваа стратегија како претворање во „Amazon на транспортот“, со што го истакна потенцијалот на платформата на Uber.
„Ако има една голема цел за Uber, таа е да ја замени сопственоста на автомобилите“, додаде тој.