Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави денеска дека не постои инстант решение за загадувањето и оти ситуацијата во главниот град е алармантна. Според него, постојат интервентни мерки коишто може да го ублажат загадувањето, но не и да го решат проблемот.
-Ако не се преземе нешто ургентно во среден рок податоците коишто ги читаме на мерните станици за десетина години ќе изгледаат дури и мали, изјави Шилегов за Топ тема на ваша страна на ТВ Телма.
Шилегов образложи дека откако е градоначалник воведени се 27 интервентни мерки што не постоеле претходно.
– Не постои посебен воздух и заради тоа стратегијата која што ја воспоставивме и која што може да даде сериозно добри резултати на среден рок преку формирањето на Градското претпријатие Градски енергетски системи кое што ќе раководи со топловодната мрежа и со гасификацијата на градот е еден од начините да се елиминираат 53 проценти од загаденоста, рече Шилегов.
Тој посочи дека има целосно разбирање за загриженоста на граѓаните, бидејќи како што рече, воздухот што го дише градоначалникот и неговото семејство е истиот воздух што го дишат сите скопјани.