Документарните филмови „Камените кукли раскажуваат“ и „Двојните цркви во кумановско“ од кустосот Валентина Андреиќ и вишиот кустос Анита Трајковска Ѓорѓиоска од кумановскиот музеј освоја награди „Специјална плакета за истражувачка сторија“ и „Плакета за најдобра репортажа“ на 26-тиот Меѓународен фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ во Битола.

Документарниот филм, „Двојните цркви во кумановско“ го презентира културното наследство кое потекнало од долгогодишното истражувањето на кустосот Валентина Андреиќ. Продукцијата на овој филм е на локалната телевизија Плус од Куманово. Во филмот прикажани се црквите Свети Спас во Дозвезнце, Света Петка во Младо Нагоричане, Света Параскева во Мургаш, Света Петка во Пезово и двојната црква во Сув Ора, посветена на Свети Никола и Свети Ѓорѓи. Црквите, вели кустосот Андреиќ, потекнуваат од 16 и 17 век од поствизантиски период, градени во османлискиот период. Надворешно се мали и едноставни, се карактеризираат по полукружните аркадни премини, внатре се ззабележува фрескосликраство од познатите македонски зографи.