7 Ноември
Собраниската Комисија со мнозинство гласови го прифати барањето на судот да му се одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот Мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство
9 ноември
7:30
– Пратениците во Собранието на Република Македонија на пленарна седница треба да одлучуваат за одземање на мандатот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. За да се оствари тоа потребно е двотретински мнозинство. Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и „За заедничка Македонија“ се изјаснија дека нема да го поддржат предлогот на Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
12:50
Собранието на Република Македонија не му го одзеде мандатот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. „За“ предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот гласаа 58 пратеници, а 27 беа против. Одлуката на пратениците не го одложува извршувањето на казната. Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но, тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот. Од судот информираат дека од денеска тече рокот од три дена во кои Кривчниот совет треба да донсе одлука по жалбите.
17:00
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби жалбите на Никола Груевски и на неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да се јави во затворот „Шутка“ за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“. Како што соопшти Судот, Решението е испратено до странките во постапката и е извршно веднаш по приемот од странките.
21:00
Новинарски екипи од речиси сите македонски медиуми пред затворот во Шутка се во исчекување на поранешниот премир Никола Груевски откако попладнево Кривичниот совет ја одби неговата последна жалба.Нема официјални информации дали одлуката е испратена до Груевски, но досега се направени два обида, а вечерва ќе се направи и трет.
10 Ноември
8:00
– Поранешниот премиер Никола Груевски до утрово не се појавил во затворот во Шутка, каде треба да почне со отслужување на затворската казна од две години за предметот „Тенк,“ откако вчера попладне Кривичниот совет ја одби неговата последба жалба. Доколку Судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението ќе се пристапи или кон негово спроведување или кон распишување потерница.
10:00
Судот в понеделник ќе прави нов обид да му го достави решението на поранешниот премиер Никола Груевски за отслужување на затворската казна од две години за предметот „Тенк“ или ќе му го врачи на рака во судот каде тој доаѓа на рочиште за друг предмет, соопшти Кривичниот суд.
12 Ноември
8:00
Судот денеска ќе прави нов обид да му го достави решението на порнешниот премиер Никола Груевски за отслужување на затворската казна од две години за предметот „Тенк“ или ќе му го врачи на рака во судот каде тој доаѓа на рочиште за друг предмет.
11:00
Поранешниот премиер Никола Груевски се уште се нема пријавено во затворот „Скопје“ во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“, потврди за МИА директорот на затворот, Ѓоко Котевски.
15:30
Судските служби во текот на денешниот ден прават нови обиди да го достават решението на Кривичниот совет, со кое се одбива жалбата против решението на судија за извршување санкции за одложување на двегодишната затворска казна за Никола Груевски, со што би се комплетирала доставата.
16:00
Груевски, го обезбедуваат шестмина припадници на Шестата управа, но засега не знае каде е и се уште не е му е врачена одлуката на Советот на Кривичниот суд за одбивање на неговата жалба на отслужување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. како што појаснија правни експерти за МИА, шестмината полициски службеници не се 24-часовно ангажирани за неговото обезбедување, односни работните задачи ги извршуваат во зависност од потребите на личноста.
16:30
Кривичниот суд во Скопје попладнево достави до СВР Скопје барање за издавање потерница против Никола Груевски.
– Основниот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на лицето за кое прашувате и на 12.11.2018 во 16:30 часот ја достави до СВР Скопје и побара издавање на потерница. Министерството за внатрешни работи веднаш откако му беше доставена, постапува по наредбата, соопштија од Кривичниот суд.
Инаку, Груевски владееше со Македонија 10 години – до јануари 2016 година. Тој беше принуден да поднесе оставка по масовните протести и открибвањето на големите корупциски шеми, притисокот врз судството и целосната контрола врз медиумите.
На крајот од 2017 година, Груевски поднесе оставка како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов тој е почесен претседател на партијата, а сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се смета за негово штитеник.
.