СПЦ застана на страна на Руската православна црква и нема да ги признае расколниците

од Vlatko K
133 прегледи

Светиот архиерејски  Собор на Српската православна црква (СПЦ) соопшти дека одлуката на Цариградската патријаршија за автокефалност на украинската црква е неоснована, а „одлуката за рехабилитација на расколничките групи е неприфатлива“ и поради тоа Српската православна црква не ги признава.

СПЦ на тој начин застана на страната на Руската православна црква во овој спор.

На дводневната седница на Саборот, што се одржа на 6 и 7 ноември, архиереите на СПЦ заклучија дека Цариградската патријаршија усвои канонски неоснована одлука за рехабилитација и за епископи признала двајца водачи на расколнички групи во Украина, Филарет Денисенко и Макарије Малетиќ, заедно со нивната епископија и свештенството.

Се наведува дека Филарет своевремено бил канонски лишен од чинот, а потоа и исклучен од црковната заедница и подвргнат на анатема, а Макариус, велат од СПЦ, „е лишен од апостолскиот прием како духовен изданок на сектата на таканаречените самосвети“.

Затоа, Светиот архиерејски Собор оваа одлука на цариградскиот Синод ја смета за необврзувачка за Српската Православна Црква.

– Соборот не ги признава споменатите личности и нивните следбеници за православни епископи и свештеници и, следствено, не прифаќа литургиско и канонско општење со нив и со нивните поддржувачи”, се истакнува во соопштението.

Соборот на СПЦ и предлага на Цариградската патријаршија и на сите останати помесни автокефални православни цркви да прашањето за автокефалност и прашањето за православната дијаспора што е можно побргу да се разгледа на сеправославниот собор, со цел да се потврди и да се зајакне соборноста и единството и во иднина да се избегнат искушенијата како што е ова, низ кое сега поминува православието.

Во соопштението на СПЦ се наведува дека за овој соборски став официјално се информирани сите православни цркви, од Цариградската до Московската патријаршија.

Слични содржини