По завршувањето на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој се одржа минатиот месец во Скопје, продолжува патувачкиот дел во помалите градови низ Македонија под наслов „Џифони патува“.

На 16 и 17 ноември во Кочани ќе се одржи Фестивалот за млади „Џифони патува во Кочани“, кој ќе го отвори градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, а потоа во текот на двата дена младите ученици ќе го гледаат филмови и ќе дебатираат под водство на актерката Нина Максимова, која ќе биде и ментор на актерската работилница.
Преку филмската програма, дебатите и креативните активности, тимот на фестивалот „Џифони Македонија“ се стреми неформално да влијае врз едукацијата на младите во областа на филмот и културата и да ги потенцира естетските вредности на филмот, а преку дискусии на темите од филмовите ќе се поттикнат да ги развиваат способностите за дебатирање. На овој начин и младите од помалите градови каде што најчесто не постои можност за гледање филмови во кино-сала, ќе можат барем за кратко да ја осетат магијата на филмот. Преку работилниците учениците ќе имаат можност да ја развиваат својата креативност, а секако во текот на двата дена најважната работа за нив е да се дружат меѓу себе и добро да се забавуваат.
Фестивалската програма „Џифони патува“ се одржува со финансиска поддршка на Агенцијата за филм и Фестивалот „Џифони експириенс“ од Италија, во соработка со Општина Кочани и Амбасадата на Италија во Скопје.
Фестивалот „Џифони патува“ во изминатиот период се одржа во Струмица, Велес, Крушево, Берово, Тетово, Штип, Охрид, Битола и во Прилеп, а до крајот на оваа година ќе продолжи во Струга и Гостивар.