Спроведување итни мерки против загадувањето во Скопје, побараа граѓани денеска на протест пред канцелариите на Град Скопје.
На протестот, што се одржа под мотото „Време е за чист воздух“, беа упатени пораки „И ти го дишеш истиот воздух“,„ Ставете налепници на тешката индустрија“, „Не можам да дишам!“, „Чист воздух, здрави деца“.
Учесниците на протестот го искажаа незадоволството од негрижата на градот во врска со воздухот што се повторува речиси секоја година во зимските месеци, па потсетија на ветувањата за намалување на загадувањето и критикуваа дека е многу мал износот од 1,5 милиони евра што е проектиран за таа намена со буџетот.

Тие изнесоа барање приоритет да бидат казни и контроли на индустриски објекти кои не воспоставуваат еколошки стандарди. Исто така, тука го потенцираа и проблемот со автомобилите, работата на депонијата „Дрисла“, зеленилото на Скопје, гасификацијата на градот.
