Преговарачите од земјите-членки на Европската унија не успеаја да постигнат договор во врска со буџетот за еврозоната за 2019 година до крајниот рок кој истече синоќа на полноќ, што значи дека понатамошните разговори ќе мора да бидат закажани во наредните недели.
Буџетот опфаќа сè, од земјоделски субвенции и поддршка за посиромашните региони, до програми за истражување и образование. Повеќето пари се враќаат назад во земјите-членки.
Европската комисија сега треба да поднесе нов предлог за разговорите кои ќе се одржат подоцна овој месец или на почетокот на декември, соопшти портпарол на Владата на Австрија која до декември претседава со ЕУ.
Разговорите меѓу министрите за финансии на ЕУ и претставниците на Европскиот парламент западнаа во ќорсокак во петокот. Меѓу нерешените прашања беше и прашањето за помошта за сириските бегалци во Турција, соопштија извори од ЕУ.
Разговорите се со цел усогласување на предлогот за буџет од страна на земјите-членки на ЕУ и оној што е одобрен од Парламентот. Преговорите често се преоптоварени, бидејќи земјите-членки обично се обидуваат да ги ограничат расходите, додека европратениците се залагаат за поголемо трошење, јави ДПА.
За 2019 година, Парламентот состави буџет од 149,3 милијарди евра (170,2 милијарди долари) во исплати. Тоа е малку повеќе од бројките за кои земјите-членки се согласија, односно вкупно 148,2 милијарди евра.
Парламентот ги отфрли намалувањата што ги предложија земјите-членки за шемите за раст и создавање работни места, во вкупна вредност од 794 милиони евра.
Предлог-буџетот на Парламентот, исто така, вклучува дополнителни 362 милиони евра за Еразмус, програма за размена за образование, обука, млади и спорт, како и 347 милиони евра за иницијатива за зголемување на вработувањата кај младите.
Буџетот одобрен од страна на земјите-членки, во меѓувреме, има некои „релативно значајни“ заштеди со намалување на административните трошоци, пишува ДПА.