Во северна Митровица, српското население на протест пред канцелариите на ЕУ и на Еулекс изрази незадоволство од постапките на Приштина – апсењата минатата недела и зголемените даноци. Пред граѓаните кои носеа транспаренти „Сакаме мир, не војни“, „не ги изгладнувајте нашите деца“ и „ЕУ, отвори ги очите“ се обрати Горан Ракиќ, еден од четирите градоначалници на српските општини на Косово кои си дадоа оставка.
-Денеска закажавме собранија на сите четири општини на северот и ние, градоначалниците, поднесовме оставки и од денес администрацијата на локалната самоуправа од северот веќе не постои во приштинскиот систем, изјави Горан Ракиќ, поранешен градоначалник на Косовска Митровица.
Оставки поднесоа и градоначалниците на Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, поради кршење на човековите и економските права на Србите. Во солидарност, со работа престанаа и вработените во судот во северна Митровица, за што ги информирале шефовите на меѓународните мисии и влијателните амбасади. Демонстрантите ја обвинија меѓународната заедница за молк и повикаа на нов протест за утре.
-Сакаме леб и лекови. Но тоа не е нашето главно барање, туку сакаме слобода, мир, наша држава која ќе не штити. Тоа се нашите главни барања, рече Милан Ивановиќ, директор на здравствениот центар во Косовска Митровица.
На состанокот со косовскиот претседател Тачи, американскиот државен секретар Помпео порача Приштина да ги укине даноците на увоз од Србија и БиХ и да избегне провокации и тензии. Косовскиот премиер Харадинај го зголеми данокот за 100% со барање Србија да го признае Косово. Помпео повика Приштина да ја искористи можноста за историски договор за нормализација на односите во рамките на бриселскиот дијалог. Истовремено со протестите, на северот на Косово, КФОР одржува вежба, која не е воена, туку со цел да биде повидлив.