Во Македонија официјално се регистрирани 650 лица, кои не се евидентирани и кои немаат лични документи, а со тоа ниту можност за остварување на нивите основни граѓански права.

Оваа бројка од 650 лица „фантоми“ е добиена како резултат на заедничката работа на Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење матични книги, МВР, други надлежни институции, ОБСЕ, УНХЦР, невладини организации.
Сепак темната бројка на лицата без документи е од 1.500 до две илјади. Проблемот со кој се соочува Макеоднија е немањето правен начин да се реши проблемот на овие лица.
За можните начини тие да добијат документи денеска се одржа дебата во Владата, насловена како „Системски решенија за регистрација на лица без документи и спречување на граѓаните да останат без државјанство“.
-Ова е проблем на фантоми, ги гледаме секој ден, поминуваме на крстосница, ги гледаме тоа се лица без идентитет, немаат граѓански статус, кој се определува со впишување на името, презимето, матичниот број, издавање на извод на родените, извод за венчани, живеалиште, престојувалиште, лична карта, пасош, државјанство и тоа го прави едно лице да биде субјект, граѓанин. За жал кај нас живеат 650 евидентирани лица без личен идентитет. Но секој пат светлата бројка крие темна бројка, така што има околу 1.500 до 2.000 наши сограѓани кои живеат во земјата и не можат да остварат ниту едно елементарно право, истакна професорот од Правниот факултет, Борче Давитковски, кој ги презентираше двата можни модела за решавање на проблемот.
Рече дека Македонија е можеби единствена земја која правно не го уредила начинот на решавање на овој проблем.
Презентира два можни правци. Едниот е судот во вонпарнична постапка да ги реши проблемите на овие лица, при што ќе се утврдува ден, месец, година на раѓање, име и презиме. За овој модел, рече, дека споредено со други земји, постапката трае четири до шест години.
Вториот модел е преку измена на Законот за матична евиденција и како што појасни Давитковски, таму има одредба за упис по месец дена со утврудвање.
Владата треба да избере еден од овие два модела, а предвидено е овој проблем да се реши во првиот квартал од 2019 година.
Премиерот Зоеран Заев во обраќање на дебатата потсети дека Владата и МТСП како координатор на активностите заедно со Управата за водење на матични книги во април отвори јавен повик до сите лица кои не се евидентирани да дојдат во подрачните единици и да пополнат прашалник за причините, а како особено важна ја посочи соработката со ромските граѓански здруженија, со кои е изработен посебен електронски регистар за овие лица.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска нагласи дека Владата треба да донесе одлука за патеката по која ќе се оди со цел во првиот квартал од 2019 година овие лица да се впишат, со што ќе се отвори патот тие да ги остварат нивните граѓански права.
Пред учесниците во дебата се обрати и евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој нагласи дека ова се случува во период на исклучително висок технолошки напредок.
Дејан Кладарин претставник на УНХЦР истакна дека бројот на лицата без државјанство не е висок и тој проблем може да се надмине како резултат на поддршката на УНХЦР.