Холивудските актери Анџелина Џоли и Бред Пит конечно постигнаа договор за старателство над нивните шест деца, изјави адвокатката на Џоли, Саманта Блеј Деџин.

Договорот беше постигнат пријателски, по повеќе од две години жестока битка околу старателството за нивните три биолошки и три посвоени деца. На овој начин двајцата избегнаа јавна судска расправа, што најверојатно ќе станеше тривијална за кратко време.

„Договорот беше постигнат пред две недели и двете страни го потпишаа, како и судијата“, рече адвокатката.
Деталите од договорот се доверливи, за да се заштитат децата и нивната добросостојба, додаде таа.
Разводната постапка, како и постапката за старателство траеја долго и мачно. Џоли во август го обвини поранешниот сопруг дека не плаќа доволно финансиска поддршка за децата. Адвокатите на 43-годишната актерка и режисерка поднесоа документи во кои тврдеа дека 54-годишниот актер не плаќал „значителна“ алиментација за децата во изминатите 18 месеци.

Овој спор беше решен и сега конечно е официјално и решението за старателство.
Џоли и Пит, кои важеа за најгламурозната и најмоќна холивудска двојка, се разделија во септември, 2016 година, по повеќе од 10 години заеднички живот, од кои две ги поминаа во брак.
Барањето за развод го поднесе Џоли, како причина наведувајќи „непомирливи разлики“, и побара целосно старателство над нивните деца.

Се проценува дека Џоли има богатство од 160 милиони долари. Celebrity Net Worth во 2014 година ја рангираше на 74. место на листата, а според истата листа Пит вреди 240 милиони долари.
Џоли и Пит имаат шест деца заедно: Медокс (16), Пакс (14), Захара (13), Шајло (12) и 10-годишните близнаци Вивиен и Нокс.