Собранието на Македонија денеска по скратена постапка го донесе Законот за амнестија. За законот гласаа 95 пратеници и ниту еден не беше „против“.

На предлогот се приклучија и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, како и Панчо Минов од ГРОМ.
Интерпартиската парламентарна група за реформи, помирување и интеграција претходно постигна согласност за законското решение.
Амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ.
Сите обвинети за насилствата во македонското Собрание од 27 април имаат право во рок од пет дена по донесувањето на законот да поднесат индивидуални барања за амнестија, а судот ќе донесе решение по мислење на ЈО, а врз основа на докази со кои располага.