Јавното здравство исправено пред големи предизвици, а надлежните упорно и оптимистички веруваат и ветуваат дека се на вистинскиот пат во обезбедувањето подобри здравствени услуги, со цел задоволни пациенти и здравствени работници. Пациентите, пак, соочени со своите здравствени проблеми, се уште имаат голема надеж дека македонскиот здравствен систем ќе ги достигне европските здравствени стандарди.
Повеќе значајни јавноздравствени активности ја одбележаа 2018 година. Првпат во јавните здравствени установи почнаа да се применуваат методи за кои досега пациентите одеа во медицинските центри во странство. Позначајни меѓу нив се: вградување механичко срце кај пациент на Клиниката за државна кардиохирургија, извршена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител на Клиниката за хематологија и механичка тромбектомија кај 70-годишен пациент, кој доживеал мозочен удар, на кој успешно му е изваден тромбот и е спасен, а по три години пауза на Клиниката за урологија е извршена трансплантација на бубрези од починат донор. Освен тоа, набавена е медицинска опрема и реновирани се повеќе одделенија на клиниките, обезбедена е современа терапија за Хепатит Ц, воведени се три нови типови инсулин од најнова генерација, а еден од нив е наменет за децата, воведена е и бесплатна вакцина против сезонски грип за лица над 65 години со просечна и потпросечна пензија, како и за оние без пензија.
Меѓу реализираните активности е и набавката на нови инкубатори за Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, унапредувањето на условите за престој и лекување на новороденчињата и нивните мајки и почнатиот процес за едукација и тренинг на кадарот, со посебен фокус на одделот за неонатологија, што резултираше со значително намалување на смртноста на новороденчиња, од 24 отсто, на околу 15 отсто, за само една година, согласно податоците од одделот за интензивна нега на Клиниката.
Според министерот за здравство Венко Филипче, практично во нашето јавно здравство не постои метод во која било област кој докторите не го работат.
За истакнување се напорите за подобрување на процесот на трансплантација на органи. Во таа насока Филипче вели дека ги интензивираат разговорите со „Евротрансплант“ и дека се планира и сериозна инвестиција во Клиниката за анестезија, а посебно во Центарот за трансплантација.
– Целта не е само да ги направиме органите на починатите достапни за нашите пациенти, туку да може да ги направиме достапни тогаш кога нема да може да најдеме наши компатибилни пациенти и за пациенти во Европа преку „Евротрансплант“. Поради тоа ја отвораме вратата преку веќе направените договори со Хрватска за органи од починатите пациенти да станат достапни за нашите, вели Филипче.
Најави дека се подготвува листа на пациенти приматели на органи и електронски регистер. Во врска со издавањето лиценци за работа на приватните болници во делот на пресадување на органи, појасни дека тоа е со цел да се обезбеди подобра инфраструктура во оваа дејност.
Во таа насока е и најавено партнерството на државните институции со приватните компании како еден од алтернативните начини за значајно да може да се надгради и зајакне македонскиот здравствен систем. Донесена е одлука договорот на болницата „Жан Митрев“ за извршување кардиохируршки интервенции на возрасни и на деца, од 2019 година да се прошири и да бидат опфатени деца со најтешките срцеви болести, кои досега се лекуваа на Клиниката за детска хирургија.
Квалитетни здравствени услуги ќе се овозможат и со изградба на нов Универзитетски Клинички центар, за што се одржа дебата за негови можни локации. Беа презентирани две нови предлог локации во општините Ѓорче Петров и Петровец, со цел да се разгледаат сите можни аспекти за да се изнајде соодветна местоположба за новите и модерни текови во здравството.
Oсвен изнаоѓањето начини за решавање на проблемот со инфраструктурата, посебен фокус се става и на решавањето на проблемот со недостигот на доктори и медицински сестри. Веќе се вработени огромен број доктори и медицински сестри и нивниот број од почетокот на годинава, досега, е околу 2.300.
– Распишавме 250 специјализации, најкритично беше со специјалностите по педијатрија и анестезиологија поради недостиг од ментори. Недостигаат многу работи во здравствениот систем, заради тоа што не можат се веднаш да направат. Недостигот од кадар претставува повеќегодишен проблем со кој се соочуваат речиси сите јавни здравствени установи, а тоа се должи на политиките, кои биле спроведувани сите години и затоа сега има сериозен дефицит. Правиме се што можеме да го зајакнеме системот, вели Филипче.
Со цел мотивирање на кадарот во јавните здравствени установи, е реализираното зголемување на платите на здравствените работници за пет отсто во септември 2018 година, зголемувањето на надоместот за дежурствата, а специјализантите првпат земаат надоместок и се платени за својата работа.
Најавено е дека во јануари 2019 ќе има дополнително зголемување на платите за 10 отсто на докторите специјалисти, за пет отсто на општите лекари и на медицинските сестри, а во септември 2019 година и за останатите административни работници во здравството.
Меѓу другото, подготвени се измени на Законот за здравствена заштита за преземање во јавното здравство на медицинските сестри, кои претходно работеле во приватни здравствени установи, основани под закуп во здравствените домови, а по различни основи во меѓувреме останале без работа. Согласно одредба внесена во Законот медицинските сестри кои ќе останат без работа да бидат преземани во јавните здравствени установи. Со измените ќе биде опфатена и можноста за преземања доктори на медицина, стоматолози и фармацевти од приватно во јавно здравство.
Но, не треба да се заборават и пациентите, а особено најтешко болните деца. Во насока на обезбедувањето поголема грижа и психолошка поддршка, која е една од најважните сегменти за успешно лекување особено за пациентите на онколошките одделенија и нивните семејства, значајно е тоа што со поддршка на тренери од Израел специјално беа обучени 26 медицински лица вработени во јавните здравствени установи, кои се наречени медицински кловнови.
Тие преку терапевтска уметност на игра и хумор, преку разговор им помагаат на најтешко болните деца на Клиниката за детски болести и на нивните семејства, а по потреба ќе одат и кај болните во другите клиники. Целта им е да го намалат стравот и вознемиреноста кај нив, за да можат да си ја зголемат својата сила и мотивација и насочат кон справување со болеста. Оваа програма функционира секаде во светот и исклучитено е успешна во лекувањето на пациентите. Целта е преку моќта на позитивниот пристап да им се помогне на децата, барем за миг да заборават на болеста и стресот.
Поголем број од проектите во јавното здравство почнати во 2018 година ќе продолжат да се реализираат во 2019 година, а најавени се и многу нови проекти. Од 1 јануари ќе почнат да функционираат три дежурни педијатриски пунктови во Здравствениот дом Скопје и тоа во поликлиниките Бит Пазар, „Јане Сандански“ и во Ѓорче Петров.
Се планира набавка на мамографи во вредност од 85 милиони денари кои ќе се дистрибуираат во цела Македонија, најавен е нов систем на функционирање на лабораториите во здравствените установи со цел да се воспостави поквалитетен лабораториски систем, да се направи голема заштеда, тоа да го почувствуваат пациентите, а ќе се спроведе и нова распределба на квотите за лекови во аптеките со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор. Околу 500 аптеки ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20 илјади денари месечно по аптека. Со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување лекови, а осигурениците ќе имаат поголема достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на местото на живеење.
– Со оваа динамика продолжуваме и во 2019 година. Ја зајакнуваме инфраструктурата. Нема да може да ги решиме проблемите преку ноќ и свесни сме за тоа, меѓутоа јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат. Обезбедуваме услови, инфраструктура, опрема и експертиза во рамки на тоа што овој систем сега го овозможува. Уште еднаш ја покажуваме нашата силна заложба да ги задржиме здравствените работници во Република Македонија. Ни требаат задоволни и квалитетни доктори кои ќе не лекуваат во јавното здравство, вели Филипче.
Рената Пепељугоска