Светската трип-хоп сензација Hooverphonic со концерт во Скопје

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Белгискиот сензационален и светски познат бенд Hooverphonic ќе одржи концерт во Скопје. Како што најавуваат од Авалон Продукција, кои се организатори на концертот, гостувањето ќе се одржи во рамки на нивнтаа балканска турнеја во Загреб, Белград и во Софија.

Скопскиот концерт е закажан за 29-ти март во салата на Македонската филхармонија, која го доловува амбиентот во кој најчесто овој музички состав ги спроведува своите настапи.

Hooverphonic е белгиски бенд основан во 1995 година, кој има позади себе осум студиски албуми, како и неколку компилациски изданија. Кон средината на ноември минатата година, бендот го објави албумот „Looking for stars“ кој содржи единаесет нумери на кои бендот експериментира со повеќе музички жанрови, но сепак останува верен на трип хопот, чија основа преовладува во целиот носач на звук, а исто така наиде и на одлични критики кај музичките рецензенти.

Публиката во Скопје ќе има ексклузивна можност за прв пат во живо да ги чуе некои од најголемите хитови кои ја одбележаа кариерата на еден од најголемите трип хоп бендови на сите времиња, како што се легендарната „Mad about you“, „2 Wicky“, „Eden“, „Winegar and salt“ и уште многу други.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба денеска, среда, од 9:00ч. преку продажната мрежа на Авалон низ Македонија и онлајн на avalon.mk.