Петмина затвореници од штипскиот затвор вчера завршиле со исекотини по рацете. Неколку часа се затвораат во една од собите за дневен престој и не дозволуваат пристап до нив. Од видеото кое беше објавено на Фејсбук може да се види нивниот револт, но нејасно е какви права бараат и за што го повикуваат директорот на затворот, јави 24 вести.

Два часа директорот Мики Тодоров преговарал и вели на мирен начин ги разубедил затворениците во идејата да не заговараат бунт, бидејќи е кривично дело кое може да им донесе казна и до 3 години. Тодоров претпоставува дека повредите сами си ги нанеле, а до инцидентот дошло откако им биле земени мобилните телефони кои се забранети зад решетки.
„Во нашиот месец еднаш месечно доаѓа народниот правобранител, доколку имаме некоја насока од правобранителот, се трудиме да ги отклониме“ – рече Мики Тодоров- директор на затворот во Штип.
Изјавите кои ќе ги дадат попладнево треба да ги расчистат дилемите дали навистина одземањето на телефоните е единствената причина, бидејќи кај двајца од нив не биле пронајдени сретства за комуникација. Овие петмина затвореници се осудени за различни кривични дела.
Пред два дена Јане Ченто, кој е обвинет во процесот за 27-ми април, се пожали на употреба на сила од страна на затворската полиција во Шутка. Управата демантираше и образложи дека тој давал отпор и не сакал да го даде мобилниот телефон, а потоа бил совладан.
Дека корупцијата сеуште „цвета“ во затворите е доказ и случајот со затворски полицаец од Штип кој беше притворен поради шверц на мобилни телефони.