Европскиот суд за човекови права во 2018 година од Србија добил 2.128 тужби, што е 1,5 пати повеќе од 2017.
Гледано по глава на жител, Црногорците, Србите и граѓаните на Босна и Херцеговина се меѓу оние кои во 2018 година најмногу се жалеле во Судот во Стразбур. Најмалку тужби во истиот период пристигнале од Велика Британија, Данска, Германија и Ирска.
Во годишниот извештај на Европскиот суд за човекови права се наведува дека во врска со пријавите од Србија, 1.224 минатата година не биле прифатени, односно биле отфрлени, а пресуди се донесени во 45 предмети.
Некои од 45-те предмети се обединети во една пресуда, така што за тужбите од Србија во Стразбур во 2018 година се изречени вкупно 13 пресуди, од кои во 12 случаи е утврдено најмалку едно прекршување на Конвенцијата за човекови права.
Најмногу пресуди се донесени по тужби од Руската Федерација (238), Турција, (140) и Украина (86).
Правото на фер судење, забрана на туртурата и нехуман третман, како и право на слобода и безбедност претставуваат трите области во кои Судот во Стразбур најчесто утврдувал повреда на правата во 2018 година.
Последниот извештај на Европскиот суд за човекови права укажува дека вкупниот број на новоподнесени предмети во 2018 година паднал за 32 проценти во однос на претходната година, од 63.350 на 43.100.
Тоа се објаснува и со намалувањето на бројот на тужби поднесени пред се од Турција, Романија и Унгарија.
Судот за човекови права во Стразбур од 1959 година (кога е и основан) до 2018 година донел 173 пресуди за предмети од Србија. Најчесто утврдени прекршувања се однесувале на заштита на имотни права и должина на судски процедури.
Моментално пред судот во Стразбур има 1.793 тужби од Србија што земјата ја става меѓу десетте европски држави со најголем број „случаи на чекање“.
Политика – Белград