Еден од најголемите килими во светот веќе 120 години го украсува Свечениот салон во истанбулската палата „Јилдиз Сале“, а неодамна за првпат беше изнесен од палатата за темелно перење и реставрација, јавува Anadolu Agency (AA).![]()
Тепихот „Хереке“ е изработен во далечната 1897 година и го красеше подот во Свечениот салон за тогашната средба на султанот Абдулхамид II и германскиот цар Вилхелм II.
По 12 децении, тепихот за првпат е изнесен од палатата и испран во посебно изграден базен со специјални средства, со цел да биде подготвен за процесот на реставрација.
Станува збор за околу три тони тежок тепих со вкупна површина од 468 метри квадратни. Во Свечениот салон на палатата „Јилдиз“ повторно ќе биде постелен по реставрацијата, која ќе трае и до 3 години.
Заменикот-директор на Канцеларијата за управување со националните палати, Ахмет Чапоглу, за АА истакна дека станува збор за најголемиот тепих во Турција и еден од најголемите во светот.
„Ова е вреден историски артефакт. Султанот Абдулхамид нарачал да се изработи за приемот на германскиот цар Вилхелм. Шарите на тепихот се дизајнирани од страна на тогашниот сликар на дворот, Емил Меинз“, рече Чапоглу.

Тепихот е дизајниран во хармонија со орнаментите на ѕидовите и таванот на Свечениот салон во палатата, а Чапоглу рече дека тепихот е однесен на посебно место заради реставрацијата која е неопходна, бидејќи со тек на времето се појавиле видливи оштетувања.
Перењето на тепихот, исто така бил голем потфат, а користен е и специјален детергент развиен од експерти од Техничкиот универзитет во Истанбул.
„Реставрацијата на тепихот следните 2,5 до 3 години ќе ја изведуваат стручните реставратори од Канцеларијата за управување со националните палати на Турција“, нагласи Чапоглу./АА