Директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари најавува оставка

од Vladimir Zorba
128 прегледи

– Директорот на КПУ „Скопје“ Ѓоко Котевски денеска изјави дека го прифаќа барањето на премиерот Зоран Заев и ќе поднесе оставка по вчерашните инциденти во затворот.

-Јас сум одговорен човек и пропфесионалец во службата и кога службата ќе потфрли логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка. Од досегашната истрага утврдени се пропусти и непочитување на стандардните безбедносни протоколи во службата за обезбедување на затворот во Скопје. Одговорноста за тоа ја преземам јас, рече Котевски во изјава за медиумите пред КПУ „Скопје“.

Обвинетите за случувањата на 27 април, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски вчера беа нападнати во истражниот затвор. По спроведен лекарски преглед во ГОБ 8-ми Септември беше соопштено дека Јанакиески немал никакви повреди.

Премиерот Зоран Заев денеска побара најдоцна до понеделник оставка од директорот на КПУ затвор – Скопје Ѓоко Котевски, по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција, во кои имало повредени притвореници.Премиерот го осуди самиот чин, и наведе дека без разлика на тоа кој е виновен за инцидентите, тој побарал одговрност од директорот.

-Деталното образложение што ми беше дадено го сфаќам и верувам дека истрагата ќе ги покаже сите детали, но во име на одговорноста не можам да прифатам дека директорот на затворот и луѓето таму определени да се грижат за безбедноста додека трае терминот за прошетка во самиот затвор, да се случи истовремено уште еден настан за после 45 минути или саат. Тоа во најмала рака покажува без разлика дали имало провокација или не, дека некој не си ја завршил својата работа, изјави премиерот Заев.

Делегацијата на ЕУ остро го осуди инцидентот што се случи вчера во затворот во Шуто Оризари и бара да се спроведе истрага, а одговорните за него да понесат последици.

-Делегацијата на ЕУ остро осудува каква било форма на насилство и изразува загриженост за инцидентот што се случи во затворот во Шутка. Очекуваме истрага за овој инцидент и да се сносат последици, стои во пишаната изјава на Делегацијата на ЕУ во врска со инцидентот во затворот во Шутка.