Пратениците дебатираа за измени на Законот за јавен долг

од Vladimir Zorba
146 прегледи

Собранието попладнево ја завршија расправата за измените и дополнувањата на Законот за јавен долг,  во прво читање, со кои се врши усогласување со меѓународната пракса и подобрување на системот за управување со јавни финансии и јавен долг.

Со измените, во пресметката на јавниот долг се враќа негарантираниот долг. Законските новини треба да овозможат поголема кредибилност на податоците за јавниот долг и доверба од инвеститорите.

До 2014 година негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг, но потоа беше изваден со измени на законот, а сериозни критики за тоа беа упатени од Европската унија, меѓународните финансиски институции, но и тогашната опозиција, како и експертска јавност.

Со законот се предвидува и изработка на стратегија за управување со јавниот долг како одделен документ, а Министерството за финансии ќе врши и кредитна анализа на носителите на јавниот долг според меѓународни правила и стандарди.

Како што информираше во образложението на законот, заменик-министерката за финансии Ширет Елези, јавниот долг на крајот на 2018 година изнесувал 48,7 проценти од БДП, а на крајот на 2016 година 48,8 отсто.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека власта го зголемува јавниот долг, но како што рекоа, во реалноста нема реализација на конкретни инфаструктурни проекти.