Пред само четири години, најголемите клубови од Стариот континент се бореа за потписот на тогаш 16-годишниот фудбалски феномен Мартин Одегард. Оттогаш тој замина на две позајмици, а во оваа втората конечно почна да покажува зошто Реал Мадрид му даде 80.000 евра неделна плата додека тој беше малолетен.

Во моментов, Мартин Одегард настапува во Витезе како позајмен играч, а неговата добра игра веќе предизвикува интерес од неколку клубови во Европа.
Според Radio Marca, за 20-годишниот Норвежанец е заинтересиран ривалот на Витезе од холандското првенство, гигантот Ајакс од Амстердам. Во последните неколку месеци, Ајакс ги загуби Френк де Јонг (Барселона) и Максимилијан Вобер (Севиља), па раководството на клубот гледа на Одегард како одличен талент на кој би можела да се базира играта во иднина.
Ајакс подготвува рекорден трансфер за да може да го привлече младиот Норвежанец, а Реал Мадрид скоро сигурно ќе се обиде да го задржи во своите редови. Актуелниот рекорден трансфер на Ајакс изнесува 16,25 милиони евра, кои беа платени за Миралем Сулејмани да го напушти Херенвен и да се пресели во Амстердам во 2008 година.
„Постои шанса летово да најдам постојан ангажман некаде надвор од Мадрид. Засега не можам да понудам детали бидејќи ни самиот не знам каде ќе завршам, можеби Ајакс, можеби друг холандски клуб. На лето ќе се вратам во Реал Мадрид, па ќе видиме какви се нивните планови“, изјави Одегард за Voetbal International.
Интерес кај Ајакс за Мартин Одегард постоеше уште кога тој потпиша договор со Реал Мадрид. Спортскиот директор на холандскиот клуб, Марк Овермарс, рече дека единствениот проблем била платата, бидејќи Ајакс не бил во можност да му понуди такви услови како во Мадрид.