Министрите за правда, за внатрешни работи и за информатичко општество и администрација, Рената Дескоска, Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска денеска потпишаа меморандум за соработка за користење на системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари.

Политиката што ја прифаќа одговорноста, бескомпромисно да ги менаџира јавните интереси, а не приватните, нагласи во обраќањето министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, има шанса и можност квалитетно да се спротивстави на корупцијата.
– Ние сме способни за една таква борба против корупцијата дотолку повеќе што во изминатиот период успешно востановивме низа нормативни и други институционални механизми, што недостигаа, а се клучни за ефикасна борба против корупцијата, рече тој.
Овој програмски систем што денес практично го ставаме во употреба, подвлече Спасовски меѓу другото, претставува статистичко/аналитички фундирана база на податоци креирани во насока на сеопфатен преглед на сите аспекти битни за кој и да е детектиран случај на корупција или на перење пари. Тоа, пак, значи, истакна, постојано, повеќенасочно следење и документирање на сите такви случаи.
– Преку потпишувањето на заедничкиот Меморандум влегуваме во фаза на оперативна употреба на концепт од кој допрва ќе имаме и тоа како голема полза: како во поглед на поуспешна борба против корупцијата и перењето пари, така во поглед на етаблирање на нови стандарди, истородни по квалитет со оние на нашите евро-атлантски партнери, рече министерот за внатрешни работи.
– Меморандумот што го потпишуваме е само потврда на нашите заложби да се соочиме со овој проблем, без притоа да заштитуваме апсолутно никого. Една од позитивните страни на дигитализацијата на процесите е токму отстранувањето на човечкиот фактор, што директно влијае на намалувањето на корупцијата. Многу е потешко да се корумпира компјутер, возможно е но малку луѓе знаат како се прави тоа, рече меѓу другото Манчевски.