Денеска лидерската средба на Заев и Мицкоски – што ќе си кажат?

од Vlatko K
170 прегледи

 Денеска  симболично на Прочка , во 20 часот во зградата на Владата  ќе  се оствари  лидерска средба Претседателот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претстојните претседателски избори, реформските закони и се што е во интерес на државата, како што најавува  Заев, ќе бидат теми на утрешната средба.

На новинарско прашање за изјавата на Мицковски дека ќе бара лустрација на сите политичари, Заев одговори дека ќе почека утре да види кои се барањата, од неговиот соговорник.

– Ќе ги соопштам и нашите и сите заедно како одговорности на сите политичари и политички партии ќе разговараме. За деталите е преурането и не би ги коментирал, изјави Заев.

Прашан зошто на средбата не учествуваат и лидерите на главните албански партии, Заев потенцира дека за оваа средба нема потреба од формат на повеќе политички партии.

Мене ми е значајно, подвлече, да разговараме за престојните претседателски избори, за евроинтеграцискиот процес на нашата земја заради тоа што дури и НАТО не е завршено се уште.

– Да направиме се што можеме во јуни да го добиеме конечно датумот за отворање на преговорите со ЕУ. Тоа се важни работи, изјави Заев, додавајќи дека ќе разговара како премиер и претседател на најголемата политичка партија со шефот на опозицијата на тие теми, заради тоа што верува во заедничката одговорност пред историските одлуки што нашата земја треба да ги донесе.

Сепак  главно ќе  биде законот за Специјалното јавно обвинителство.

Мицкоски во интервју пред два дена рече дека на средбата ќе истакне дека специјалната обвинителка Катица Јанева не ја оправда дадената доверба, дека е потребна лустрација на сите политичари во изминативе три децении и утврдување на потеклото на нивниот имот.

Во однос на тоа дека средбата ќе се одржи на православниот празник Прочка  и дали ќе си простат со лидерот на опозицијата, Заев рече дека е транспарентен во духот на помирувањето.

– Во духот на простувањето и помирувањето сум многу транспарентен, на луѓето што држеа пиштол и што викаа немам чиста мета, им простив, затоа што животот треба да тече напред. Ние со Мицкоски немаме ништо лично. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја и треба дијалог, дијалогот е ветер во грб во сите наши аспирации и ќе продолжам во тој дел без разлика колку се инсинуираат лоши зборови. Ќе продолжам во интерес на државата да го негувам дијалогот, рече вчера Заев.