Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беше домаќин на неформална дискусија, во рамки на иницијативата „Младите генерации за Новиот Балкан 2030: Кон Алтернативни Хоризонти“, предводена од Меѓународниот институт за мир, Австрискиот институт за меѓународни односи, Др. Карл Реннер Институт, Адмовере и Фондација Фридрих Еберт, канцеларија Приштина.

-Иницијативата е, всушност, многу блиска до она што се трудиме да го направиме ние – да создадеме простор и можности за соработка и натпревар заснован на вредности и критериуми, за да создадеме европски услови и иднина за младите во татковината, рече Димитров, поздравувајќи ја идејата да се зборува за предизвиците со кои се соочува регионот, а особено младите.
Тој додаде дека успехот на една држава од регионот е двигател-напред за сите останати држави, нејзини соседи.
Дискутантите, меѓу кои и претставници на младински организации, информираат од МНР, го пренесоа мислењето дека Договорот од Преспа е прогресивен фактор кој може да послужи како модел за разрешување на други регионални спорови. Покрај тоа, неговите практични аспекти се основа за регионално поврзување и соработка во областите кои се суштински за младите генерации – образование, наука, истражување, култура, технологија, здравје и спорт.
Министерот Димитров изрази поддршка и отвореност за продлабочување на практичната соработка со Иницијативата, чија цел е да им овозможи на младите гласно изразените мислења и идеи да бидат соодветно пренесени во европските центри.