Шумски пожар во потпелистерието, силниот ветар отежнува гаснење

од Vladimir Zorba
122 прегледи

Секторот за односи со јавност на општина Битола, доцна попладнево испрати соопштение со кое информира за голем пожар кој го зафати потпелистерието, а е лоциран во атарот на селото Ротино.

Од општина Битола информираат дека екипи на Територијалната противпожарна единица-ТППЕ, Битола се на терен, но засилениот ветер, го разнесува и проширува пожарот кој претставува закана за моликовата шума.

-Имајќи ги пред вид околностите и тешко пристапен терен, ангажирани се противпожарните служби, јавните претпријатија на локално и државно ниво, надлежните служби за заштита, спасување и ЦУК. Локализирањето и гаснењето на пожарот е исклучително тешко. Состанок одржа и Кризниот штаб за заштита и спасување со кој раководеше  градоначалничката Наташа Петровска и донесен е заклучок за ангажирање на ДЗС со активирање на механизирани средства кои би дејствувале од воздух, нагласуваат од тамошната локална самоуправа.

Во моментов пожарот го гаснат екипи на ТППЕ-Битола, едно противпожарно возило од РЕК Битола и едно од Општина Ресен, а во акцијата се вклучени и вработените во НП Пелистер, како и локалното население.

Инаку во текот на денот ТППЕ-Битола регистрирале шест противпожарни интервенции, односно во атарот на селата Ниже Поле, Драгожани, во Мариовскиот дел и во Нова Битола.