Турција е земјата со која имаме долгогодишна соработка меѓу министерствата за одбрана и меѓу армиите на двете земји. Од огромна важност и значење се остварените обуки, логистиката и материјалната поддршка што ја добиваме од оваа соработка. Особено заради подигањето на стандардите на нашите војници и армија соодветно на стандардите на НАТО, истакнал премиерот Зоран Заев на денешната средба со министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар.
Премиерот Заев посакувајќи им добредојде на гостите од Министерството за одбрана на Турција изразил благодарност за постојаната и искрена поддршка на Република Турција во остварувањето на стратешките цели на нашата земја – членството во НАТО и ЕУ.
На средбата Заев ја истакнал севкупната исклучително добра соработка со Република Турција, која е во врвот на листата земји со кои имаме најдобра економска соработка. Тој посебно ја издвоил соработката на планот на одбранбените и безбедносните прашања и политики за кои со Турција делиме заеднички пристап во однос на глобалните безбедносни закани.
Министерот Акар на средбата, како што соопшти владината прес-служба, ја нагласил долгата заедничка историја на добри односи меѓу двете земји и изрази честитки за напредокот на нашата земја во евро-атлантските процеси, потенцирајќи дека членството во овие сојузи на Република Северна Македонија е само прашање на време. Ток истакнал дека Турција и натаму останува искрен и силен партнер.
Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар претходно оствари средба со заменичка на претседателот на Владата на РСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.