МВР со официјални детали за смртта на актерката Билјана Беличанец

од Марта Пешевска
981 прегледи

Актерката и поранешна градоначалничка на Кисела Вода Билјана Беличанец синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје.

МВР соопшти дека синоќа околу 22.30 часот, во полициска станица Центар, С. М. пријавил дека на ул.„Истарска“ во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б.Б.А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење.

Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт.

Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција.

Беличанец беше актерка во Драмскиот театар во Скопје. Таа беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017.

Родена е во 1973 година. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Работи во Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1994-1997), а од 1997 година е во Драмски театар Скопје.

Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти („Заводникот од западниот свет“, 1997), Сузана („Свадбата на Фигаро“, 1998), Софија Јегоровна („Платонов“, 1999), Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999), Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000), Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001).

Беше дел и ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии.

Има добиено повеќе награди за актерските остварувања, меѓу кои и награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009), награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).

Актерската фела во земјава е во шок и неверување по веста за смртта на Билјана Беличанец.  Дел  од нејзините колеги со проштални пораки на социјалните мрежи.

„Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан. Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче. Замина во Недојдија…“, напиша Драган Спасов-Дац на својот Фејсбук налог.

Актерката Билјана Беличанец Алексиќ беше пронајдена мртва вчера околу 23 часот, а МВР денеска официјално соопшти дека 45-годишната актерка, инаку мајка на две деца, се обесила во бањата, а ја пронашол сопругот.

Од неа со голема тага денеска се прости актерката Јелена Жугиќ.

– Почивај во мир драга Беличанец и во вечноста пронајди го она што овде не можеше. Бескрајно ќе ни недостасуваш, напиша таа.

Актерот и поранешен директор на Драмски театар, Сашо Тасевски, сподели со јавноста една анегдота поврзана со актерката Билјана Беличанец Алексиќ, која вчера беше пронајдена почината во својот дом. Случката која ја раскажува Тасевски ја доловува потребата на Беличанец да биде во својот матичен театар, каде работела од 1997 година.

„Билјана Беличанец влезе во канцеларијата. Два месеци откако ме назначија за директор. Седна како на жар карши мене, зад клуб-масата. Да и пратам порака дека е добредојдена и влегува дома, станав од директорската фотеља и седнав кај клуб масата. Ја понудив кафе, одби. Дојдов само нешто да ти кажам., рече. Те разбирам ако ме држиш на страна, ако не добивам улоги, зашто бев функционер кај оние, само дозволи ми да бидам овде, да го дишам театарскиот воздух. Стави ме и во шивална, ќе шијам, само да сум тука. Беше сериозна, а јас се насмеав. Реков: Билјана ти си една од најдобрите глумици во Македонија на сите времиња. Треба да играш и сакам да играш, ама не со игла и конци, туку на сцена. Таму би била од најголема помош. Имаш сојузник во мене. Сепак не заигра, иако требаше да игра главна ролја во една претстава, тоа се изјалови од други причини. Нејсе, затоа со ќеф прифати да биде дел од уметничкиот совет, кога ја поканив, откако ме предупреди дека може да си имам проблеми што е она во него. Баш ме заболе и реков. Се сеќаваш што ти кажав во канцеларија ко дојде? Се насмеа. Е па уште го мислам тоа и реков. И секогаш ќе го мислам. Го мислам еве и сега. Најдобра“, напиша Тасевски на својот фејсбук профил.