(ВИДЕО) Објавена првата фотографија од црна дупка

од desk2
171 прегледи
Тим научници ја објави првата фотографија од црна дупка, оддалечена 55 милиони светлосни години од Земјата. Широка е 40 милијарди километри, три милиони пати поголема од големината на Земјата и научниците ја опишуваат како „чудовиште“.

Црната Дупка е оддалечена 500 милиони билиони километри од земјата и била фотографирана од мрежа на осум телескопи низ светот. Детали за фотографијата беа објавени денеска во списанието „Astrophysical Journal Letters“.

„Она што го гледаме е поголемо од нашиот Соларен Систем. Има маса која е 6,5 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето. И е Црна Дупка која сметаме дека има најголема маса од сите кои постојат. Се работи за вистинско чудовиште, шампион во супер-тешка категорија на црните дупки во Универзумот“, вели за Би-Би-Си професорот Хејно Фалк, од Универзитетот Радбуд во Холандија, кој го предложил експериментот.

Фотографијата се совпаѓа со тоа како црните дупки ги замислуваа теоретските физичари, но и холивудските режисери.

Револуционерната фотографија ја направил телескопот Ивент хорајзон (EХT), мрежа од осум радиотелескопи што опфаќаат локации од Антарктикот до Шпанија и Чиле, а во потфатот учествувале повеќе од 200 научници.

„Првпат го фотографиравме овој најтаинствен објект“, рече Зири Јунси, еден од научниците, кој предава Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Ова буквално е порта што води надвор од универзумот во нешто сосема непознато“.