Дека велосипедизмот го чува здравјето и животната средина, своите сограѓани секојдневно ги потсетува Миланче Ѓуриќ (71) со тоа што на лежечкиот велосипед, кој сам го направил, по улиците на Ниш секој ден поминува околу 30 километри.![]()
Екипата на Агенцијата Анадолија (AA) го сретна на редовна релација од куќата до Нишка бања.
Овој програмер во пензија за себе вели дека е вљубеник во спортот. Тој прв во градот направил даска за едрење за да се занимава со виндсурфинг, потоа почнал да лета со параглајдер, а во последните шест години редовно вози велосипед. Му годи што овој модел овозможува опуштено и удобно возење, бидејќи целиот грб, врат и главата се потпрени.
„Како што гледате, педалите се доста напред. Тоа е положба која е ергономска, дваесет отсто поповолна од фронталната положба. А освен тоа, апсолутно ништо не ме боли додека возам, што од тој аспект, особено за овие години е супер! Освен тоа, воздушниот отпор е двојно помал“, објаснува Миланче, љубител на велосипедот.
Идејата ја донел од Германија, кога бил во посета кај неговата ќерка. Таму ваквиот тип на велосипед е популарен меѓу рекреативците, па за моделот патентиран уште во 1860 година решил да измисли нов концепт.
„Тој се состои во тоа што јас зедов рамка од постоечки велосипед и само ги додадов предниот дел и седиштето, така што тркалата и рамката се непроменети, велосипедот е центриран. Во светот се прави посебна рамка за тоа, изгледа како една долга шипка, но ова е попрактично“, објаснува Миланче.
Според него, би било подобро во градот да има вистински велосипедски патеки, а дека без нив, мора да се снаоѓа на начин што го избегнува густиот сообраќај.
Ова не е единствен велосипед на кој Миланче работел и кој го доработил со половни делови купени на интернет и на пазар. На сличен начин настанал и карго велосипедот со корпа доволно голема за во неа да ги превезува своите внуци.
Кога со својот лежечки велосипед стои на крстосници и пред семафори, Миланче често слуша коментари од изненадени сограѓани. Сите се вртат, некој му дофрла дека е врв, додека други понекогаш изговараат и некои лоши зборови. Вели дека тоа не го попречува, но дека е разочаран што многумина покажуваат дека не се отворени за иновации.
„Ретко кој реагира позитивно. Сите се изненадени. Некои коментираат вака или онака, а децата од пет, шест и седум години – тие се восхитуваат“, раскажува Миланче.
За него е чудно што во градот уште никој не направил сличен велосипед и својата помош ја нуди на сите кои тоа би го сакале. Вели дека велосипедизмот е одличен рекреативен спорт и дека сите треба да останат подолго активни бидејќи „треба да го тераат срцето да работи“.
Анадолија