Во борба за третото место поразените во полуфиналето Келце и Барселона одиграа интересен натпревар, кој на крајот го доби шпанскиот тим. Барселона славеше победа 40:35 и го освои третото место на Ф4.

По израмнетиот почеток и резултат 3:3, Барселона го презема водството и успешно го одржуваше. Веќе по десет минути игра беше 9:6. Ракометарите на двете екипи продолжија многу ефикасно со лесни реализации на двете страни. На полувремето Барселона имаше предност 20:16.
Ефикасната игра продолжи и во вториот дел, двата состава со брз центар се обидуваа да стигнат до лесна реализација. Второто полувреме донесе борбена игра и забележливо беше и кај Келце и кај Барселона дека ја посакуваат победата. Келце во 45. минута успеа да намали на минус два но тоа беше сè што направија. До крајот Барселона рутински го приведе натпреварот кон сигурна победа.
Најефикасни во составот на Барселона беа Дика Мем со осум гола и Јуре Доленец, кој успеа седум пати да се запише во листата на стрелци. На голот Де Варгас имаше одлична партија со 16 одбрани. Во екипата на Келце десното крило Морито постигна десет гола и беше најефикасен во својот тим. Владимир Цупара натпреварот го зарши со 12 интервенции./24Rakomet