Повеќе од еден месец по европските избори кои се одржаа на крајот на мај, лидерите на ЕУ конечно се усогласија за кандидатите за челните функции на Унијата. Невообичаено долгите преговори, кои финишираа со тридневен самит донесоа и неколку изненадувања. Една од главните вести е дека за прв пат, на чело на Европската комисија е предложена жена.

Урсула фон дер Лејен – кандидат за претседател на Европската комисија

Новата шефица на Европската комисија, која го наследува Жан Клод Јункер, е актуелна министерка за одбрана на Германија. Родена е во Брисел, но нејзиното семејство се преселило во Германија кога имала 13 години. Пред да влезе во политиката студирала економија во Лондон и медицина во Хановер.

Член е на германската конзервативна партија ЦДУ од 2005 година. Како министерка за одбрана во владата на канцеларката Ангела Меркел познати се нејзините ставови дека е потребна поголема безбедносна соработка меѓу земјите во ЕУ.

Урсула фон дер Лејен беше во посета на С. Македонија во септември 2018 година а домаќин и беше македонската министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска. Тогаш, фон дер Лејден зборуваше за значењето на референдумот и меѓу другото изјави:

„Од нашето искуство со германското обединување, можам да кажам дека такви шанси се уникатни и треба да се искористат. Сакам да укажам дека зборувам за обединета Европа и сакаме да ја градиме иднината со вас.“

Шарл Мишел – кандидат за претседател на Европскиот совет

Шарл Мишел
43 годишниот правник доаѓа на високата европска функција од висока функција во својата земја. Мишел е актуелен премиер на Белгија. Кога беше избран, на негови 38 години, беше најмладиот кој стапил на функцијата од 1841 година.

Зад себе има искуство и како градоначалник но и како член на Европскиот парламент. Фунцијата за која е предложен досега ја извршуваше Доналд Туск.

Жозе Борел – кандидат за шеф на дипломатијата на ЕУ


Актуелниот министер за надворешни работи на Шпанија има 72 години и долго искуство и во домашната и во европската политика. Беше претседател на Европскиот парламент од 2004 до 2007 година.

Политичката кариера ја започнал во 1975 година, во шпанската Социјалистичка партија. Ужива репутација на говорник „без влакна на јазикот“.

Ако добие поддршка од Европскиот парламент, тој ќе ја замени Федерика Могерини.

 

 

Кристин Лагард – кандидат за шеф на Европската централна банка

Лагард стана француска министерка за трговија од 2005 година а потоа и министерка за финасии од 2007 година. Јавноста сепак најмногу ја знае по функцијата која ја презеде во 2011 година, како првата жена која застанала на чело на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Ако ја добие довербата на европратениците, 63 годишната Французинка ќе ја презеде функцијата шеф на Европската централна банка од Марио Драги.

Останува да се договори уште една клучна позиција а тоа Претседател на Европскиот парламент. Гласањето за избор на предложените кандидати е утре.

 

Извор: 360 Степени