Трансфер на повидок: Нејмар не се појави на тренингот на ПСЖ

од desk2
80 прегледи

Претставници на ПСЖ објавија дека бразилскиот ас Нејмар не се појавил на првата прозивка на тимот за почеток на претсезоната. Од она што го дознаваме од француските медиуми, клубот ќе поведе дисциплинска постапка против Нејмар, кој е на раб на заминување од Париз за да се врати во Барселона.

На сличен начин како што го „режираше“ неговиот трансфер во ПСЖ, Нејмар сега се обидува да избега од Франција. На начин кој станува типичен за него, тој предизвикува скандалозни ситуации во ПСЖ, во момент кога се засилуваат шпекулациите за негов трансфер во Примера.

„ПСЖ може да потврди дека играчот Нејмар не беше присутен на времето и местото кое претходно беше одредено за почеток на претсезоната, притоа без да добие дозвола од клубот за такво отсуство. Клубот ја надгледува ситуацијата и ќе преземе соодветна акција“, пишува во соопштението на ПСЖ.

Ваквата ситуација би требало да ја охрабри Барселона, која засега освен Френки Де Јонг не беше посебно активна на трансфер пазарот. Се чини дека каталонците се подготвени да чекаат на исходот од преговорите со ПСЖ и Атлетико Мадрид, од каде што доаѓаат главните мети на клубот – Нејмар и Антоан Гризман.

Вчера беше пријавено дека Антоан Гризман одбива да се приклучи на Атлетико Мадрид во претсезонската турнеја поради „емоционален стрес“, а веќе денеска и Нејмар го бојкотираше тренингот на неговиот тим.

Слични содржини