Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка и бара притвор за Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и за Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, пренесе „360 Степени“.
„Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018-та, до април 2019-та, првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел во истрага да се олесни постапката на едно осомничено лице, а второто лице континуирано договарало средби. На средбите, тие ги увериле сведоците дека првоосомничениот има влијание врз обвинителот и барале 1.500.000 евра за да го искористи тоа влијание. Тие пари, во два наврати им се исплатени. Средбите се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците и на првоосомничениот. Биле побарани вкупно 8.000.000 евра за да се запре предистражната постапка, а доколку таа не биде запрена, за делото да има олеснителни околности, тогаш тој требало да им исплати 5.000.000 евра, во кои влегувале и претходно дадените пари. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат суксесивно на четири рати“, изјави обвинителката Вилма Русковска.
На првиот осомничен му се става на товар и делото перење на пари, затоа што претходно примените парични средства ги пуштил во оптек како легални стекнати пари и со нив плаќал одмор и купувал гардероба иако сето тоа ги надминува неговите приходи.