Јанакиески пренесен во болница, ќе треба да се оперира?

од Марта Пешевска
183 прегледи

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески од притвор е пренесен во болница, а како што објави порталот Курир, повикувајќи се на информации од негови блиски, тој ќе мора да биде опериран.

Јанакиески минатата недела имал лекарски преглед, во кој што бил дијагностициран проблем кој барал итна интервенција, пишува порталот.

Како што дознава Курир, во лекарскиот наод е наведено дека Јанакиески има вродена аномалија, каде што ѕидот на преткоморите е истенчен за 70 % и мора да се направи детално, комплицирано испитување.

-Потребно е да му се направи трансезофагиално ехо, со камера преку хранопроводот да се дојде поблиску до срцето, за да се види да не случајно има мешање на крв. Тогаш ќе мора истовремено да се направи интервенција за тоа да се санира. Алармантно беше тоа што на стрес-тестот во 5 минути неговиот притисок многу се качи, доби градна болка, а дополнително е тука и огромниот стрес, вели изворот на порталот.

Курир пишува дека Јанакиески има фамилијатна историја на здравствени проблеми. Дополнително има и покачен холестерол, а треба да се прави и коронарографија.

ТВ24 објави дека ЈАнакиески е во приватна болница во Скопје, а детали за неговото здравје не открива неговиот адвокат Александар Новаковски. Тој пред нашата камера вели дека се чека на одлука на докторите, дали на Јанакиески ќе му се прави операција или не.

Јанакиески пред две недели еднаш веќе беше во болница додека ја одбиваше затворската храна, но по совет на докторите го прекина штрајкот и медицинскиот третман го продолжи во притворот. Дали од болница Јанакиески ќе биде вратен во Шутка, Новаковски вели за тоа ќе одлучи судот.

Јанакиески до сега три пати беше во притвор во Шутка. Првпат влезе на 14 ноември минатата година, еден ден по бегството на Никола Груевски, по налог на Специјалното јавно обвинителство каде е обвинет во пет случаи. Втор пат беше внесен во притвор по налог на Јавното обвинителство за организиран кримина и корупција во февруари каде е обвинет дека е еден од организаторите за нападот врз Собранието на 27 април. Тогаш во притвор беше нападнат од член на кумановската група осуден за „Диво насеље“.

По трет пат, сега Јанакиески влезе во Шутка за аферата Шпански скали, каде се сомничи за злоупотреба на службената должност кога беше министер за транспорт. Се истражува дали го оштетиле буџетот за 2,6 милиони евра со незаконска продажба на четири парцели државно земјиште во строгиот центар на Скопје.