„Секојдневно им забележуваме на градските власти, МВР и другите институции, дека не прават доволно за расчистување на сообраќајниот метеж. И од тоа не треба да се откажеме. Напротив, како граѓани и здруженија, треба постојано да бидеме будни и да правиме притисок работите да се менуваат кон подобро“, споделија од иницијативата #НаТочак, по својата герила акција во кои пуштија транспаренти со пораките „Избери точак, одглави се“ и „Не си заглавен во сообраќај, ти си сообраќај“ во центарот на Скопјe.
„Но во меѓувреме, секој еден од нас треба да се запраша, дали е дел од проблемите со кои се соочуваме во градот. Што може да направи секој еден од нас за да придонесе кон решавање на тие проблеми.
Точно е дека не секој од нас може да се качи на точак и да го замени својот автомобил како превозно средство. Некои немаат точак, некои се чувствуваат небезбедно заради недостаток на велосипедска инфраструктура, некои не се доволно физички силни, но повеќето од нас едноставно се заглавени во изборот што некогаш го направиле, да се возат во автомобил безразлика на се. Макар и заглавени. Одглави се. Избери точак! Избери пешачење! Избери јавен транспорт! И притисни да се подобрат. Ајде да се менуваме и ние граѓаните на овој град. Да го менуваме градот заедно“, додаваат од иницијативата.