Ако ја гледаме уметноста како мимезис на природата, а технологијата медиум што може да ја зачини убавината и да испрати силна благородна порака за да се сочува исконскиот раскош на Охрид и најстарото езеро на светот, тоа сигурно е вткаено во проектот „Гласот на езерото“.
Кога Никола Тесла на човештвото му ја подари електричната енергија и кога Александар Бел ја постави основата за далечинска комуникација преку т.н. телефон, сигурно овие два брилијантни ума очекуваа дека развојот што ќе следи ќе оди во насока на високи цивилизациски вредности кои бездруго подразбираат поголема грижа за природата и повеќе можности за креација. Но, за жал, овие очекувања беа делумно исполнети, а придобивките од нивните изуми човекот ги злоупотреби. Наспроти кретивноста, следуваат многу деструктивни механизми за искористување на технологијата.
Да се застане во одбрана на природата и од технолошките можности да се исцрпи есенција за уметничка креација преку еден ваков проект е можеби мала капка од широкото Охридско Езеро, но незаборавна како блескавата крлушка од автентичната охридска пастрамка и грациозното претање на јагулите.
При првото преслушување на музиката која композиторот Џијан Емин ја создава втурнат во сензација од природни звуци на Охрид и езерото, бесшумно ги впива во обид да ги оформи и артикулира во единствена музика која треба да биде приказна што ќе го сврти вниманието, ќе ве заведе до бессознание да го засакате Охрид и да не дозволите повеќе да му недостига ниту едно камче од плажата во Трпејца, да не се загрози ниту мал и незабележлив ѕид од бројното културното наследство.
За миг мобилните телефони и разноразните технолошки алатки што ни го олеснуваат животот и истовремено ни ја убиваат фантазијата можете да се погледнат со други очи. Со комплетно отворени сетила и употреба на истите помагала може да се допре до убавината на Охрид на сосема нов начин.
Сепак, да ги оставиме емоциите на страна, како светски познатиот диригент и композитор Џијан Емин ќе го направи ова? Ќе го слушнеме гласот на Охридското Езеро! Како функционира? Сложен компјутерски алгоритам „се храни“ со активни податоци и варијабили директно врзани за Охридското Езеро (временски услови, период од денот, длабочина, жив свет, надворешни фактори и друго). Потоа алгоритамот сето тоа го преведува во звучни мостри креирани од Џијан Емин со што на природниот спектакл за првпат му даваме глас преку кој ќе ја чуеме волшебната песна на македонскиот природен бисер. Преку 24-часовен аудиостриминг, на светот му е овозможено на специфичен и уникатен начин да се доближи до езерото, кое во ниту еден момент не е исто, па така и неговата песна се менува од миг во миг. Сè што треба да сторите е да се препуштите на звукот на најстарото езеро во Европа, да слушнете како шепоти, како знае да се вознемири, да раскажува, да се возбуди… како знае да си ги покаже и силата и нежноста.
Музичката критичарка Бранка Костиќ-Марковиќ, инспирирана од „Гласот на езерото“, ќе рече едноставно тоа е „елегија за охридскиот бисер“.
„Природата е вечна инспирација за сите уметници во сите периоди на историјата. Проблемот денес е што сè помалку знаеме и можеме да ја слушнеме и видиме, поради замаскираноста на нашите сетила од ‘придобивките’ на цивилизацијата, а консеквентно на тоа и поради нашата отапена свесност за нејзините вредности. Ние наместо да ја впрегнеме технологијата во служба на одржување на природните ресурси, речиси редовно ја вртиме против нив, против нас самите. Оттука, дадениов моментум итно (ако не е веќе предоцна) треба да се менува, да не кажам, лекува. Мораме, како знаеме и умееме, повторно да си ги изостриме сетилата, да си ја повикаме свеста, да ги употребиме сите скриени ‘оружја’ за спас на планетата. А, отсекогаш, кога и да станувало збор за потреба од големи, револуционерни промени, сум ја истакнувала уметноста како една од најмоќните алатки за остварување на таа цел. Тоа и прво ми падна на памет кога ја видов веста за проектот ‘Гласот на Охридското Езеро’. Очигледно е дека овој природен бисер почна да го губи својот сјај поради нас и дека е на самиот раб на уништување. Оттука, сакам да ги поздравам сите вакви напори за подобрување на состојбите и спас на она што сè уште може да се спаси. Кога ги слушнав првите тонови на музиката на Џијан и кога ја прочитав идејата за уметничко претопување со звуците на Охридското Езеро прво ‘нурнав’ во морските длабочини на еден од моите омилени филмови ‘Големото синило’ на Лук Бесон, а веднаш потоа се сетив и на еден настан од којшто и денес ми одат трпки по телото, а тоа е гласот на пијаното во фузија со патувачките ледени блокови низ океанската шир.
Имено, станува збор да несекојдневиот уметнички чин во 2016 година, кога како дел од кампањата на организацијата ‘Гринпис’ италијанскиот композитор и пијанист Лудовико Енауди го искористи Арктичкиот Океан, особено теритоторијата на Свалбард во Норвешка, за да го изведе своето дело ‘Елегија за Арктикот’. Мотивиран од кампањата која е насочена кон прекинување на експлоатацијата на нафтата и риболовот во акваториумот околу Северниот Пол, но пред сè поради личната загриженост од глобалното затоплување, Енауди својот порив го преточи во музика и истата ја изведе пловејќи на платформа на само 100 метри оддалеченост од распаднатите санти лед на архипелагот Шпицберг на северот на Норвешка.
Овој уникатен уметничко-активистички чин ги одушеви сите во светот. Со право. Ова, за среќа, не е единствениот акт на уметниците во полза на освестувањето за промените во природата и борбата за нејзината заштита. Така, пред само еден месец ја прочитавме веста дека познатиот пејач и гитарист на ‘Пинк Флојд’, Дејвид Гилмор, продаде 127 гитари од својата приватна колекција за повеќе од 21 милион долари. Парите од оваа добротворна аукција одржана во Њујорк, којашто траела осум часа и имала понудувачи од 66 земји ширум светот, се наменети за борба против климатските промени. Во оваа пригода самиот Гилмор ќе рече: ‘Глобалната климатска криза е најголем предизвик со којшто човештвото некогаш ќе се соочи и за неколку години последиците од загревањето ќе бидат неповратни’. Се надевам дека продажбата на овие гитари ќе помогне на ‘Клајент ерт’ во нивната намера да го искористат законот и донесат вистински промени. Потребен ни е цивилизиран свет за нашите внуци во кој на овие гитари ќе се свират и пеат песни. И навистина, потребен ни е цивилизиран свет. Потребни ни се совесни граѓани, чист ум и чиста околина, потребен ни е Охрид со целиот биодиверзитет, потребна ни е уметност, во сите ситуации, а особено неприлики. Оттука, ‘Гласот на Охридското Езеро’ го доживувам како едно убаво потсетување, но и апел за освестување за раритетната природна убавина што ја имаме во нашата земја и ургентноста од нејзината реафирмација, во нашите глави и пред светот“, Бранка Костиќ-Марковиќ.
За музичкиот новинар и критичар Ненад Георгиевски, ова е инспиративен проект кој уште еднаш ја потврдува големата идеја на познатиот композитор Џон Кејџ дека сè околу нас е музика.
„Проектот ‘Гласот на езерото’ е одлична замисла што ги спојува модерните идеи дека всушност сè околу нас е музика, доколку имате уво за тоа. Тоа е големата идеја на познатиот композитор Џон Кејџ. Нашиот Џијан Емин, како еминентен композитор кој е многу добро упатен во овие идеи за амбиенталната музика и звуци, во случајот со Охридското Езеро направил одличен спој и креирал своја музика. Несомнено тој испраќа и голема порака за спојувањето на технологијата и нејзината добра страна кога станува збор за создавање музика. “, Ненад Георгиевски, музички критичар.
Директорката на музичко-сценскиот фестивал „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, смета дека ова е уште еден уникатен начин во сојуз со самата манифестација, која годинава се одржува под мотото „Звукот и боите на езерото“, да се упати силна порака и да ја потенцира важноста од сочувување на македонскиот бисер.
„ ‘Гласот на Охридското Езеро’ е несекојдневен музички проект преку кој граѓаните може да ги слушнат звуците на Охридското Езеро во различни временски интервали и на тој начин да ги доживеат неговите специфики. На уникатен начин, со обединување на музиката, технологијата и природата, со овој проект ќе се крене свеста на општеството во целина за вредноста и значењето на Охридското Езеро и неопходноста од негово зачувување. Со проектот, како и со целата фестивалска програма, која годинава се одвива под мотото ‘Звукот и боите на езерото’, фестивалот ‘Охридско лето’ го потенцира единството на природните реткости и културните вредности со коишто располагаме со што го афирмираме и фестивалот и градот и државата во целина“, Наташа Поповиќ, музичарка и директорка на „Охридско лето“.
Колку оваа храбра авантура иницирана од „Телеком“ ќе придонесе за подигнување на свеста за употребата на технологијата, сочувување на природата и љубовта кон музиката, останува да покаже времето, но сигурно е дека овие аудио-визуелни записи ќе останат како трајно сведоштво за еден хуман и општествено одговорен обид на една компанија од која се изродила величествена и сосема оригинална музичка композиција во трајно наследство за идните генерации.
АНА ВАСИЛЕВСКА