Многу ќе беше пострашно кога една афера, како на пример „Рекет”, очигледно спроведувана од позиција на моќ, би била системски заштитена од истата позиција на моќ. Тоа би бил суштински пораз. Колумна на Петар Арсовски
Отпор против игра по старите правила
Сегашниве афери, кои интимно нѐ нервираат и разочаруваат, во основа претставуваат обид на системот да игра по старите, се разбира погрешни, но добро научени правила кои досега функционирале. Добрата вест е што таа игра не поминува на системски, организиран начин. Системот (со целиот надзор и помош, па ако сакате, и водство на меѓународната заедница) дава неочекуван, дури изненадувачки отпор. Со сите мали недоследности и слаби алки, ние се соочуваме со сопственото чистилиште, со оној капацитет кој го поседуваме. Многу ќе беше пострашно кога една ваква афера, како на пример „Рекет”, која очигледно е спроведувана од позиција на моќ, би била системски заштитена од истата позиција на моќ. Тоа би бил суштински пораз. Вака, барем имаме борба – тешко дека некој во иднина лесно ќе посегне по тргување со обвиненија и правда.
Знам дека ваквиот пристап е можеби премногу зен – критичката јавност го има целото право да се чувствува изневерена и предадена, дотолку повеќе што за правдата, голем дел од таа јавност излегуваше на протести, се конфронтираше со претходниот систем и беше цел на организиран јавен линч. Оттаму, тежок пораз е чувството дека со таа правда, што значи со нашата поддршка, некој се обидел да тргува и да се пазари. Но не смееме да дозволиме моралниот хазард на она што засега останува група поединци, да нѐ воведе во нова политичка декаденција по однос на правната држава. Не е важно дали некој поединец или организирана група, на крајот, ќе посегнат по криминал – важно е како системот на тоа ќе реагира. Трапаво, споро, со многу недоследности – но засега нема индикација дека некој ќе биде поштеден од прогон, доколку учествувал во рекетирањето. Тоа, иако малку предоцна и малку прескапо, е сепак добар знак. На крајот, процесот на чистење не го водиме ние, што е секако добар знак.
Општо чистење
Сега е потребно ова да се искористи како повод за општо чистење од елементите во општеството кои не дозволуваат да се придвижиме напред и да се оттргнеме од судбината на недоквакани ситни џепчии. Таква беше операција „Сабја” по убиството на Џинџиќ во Србија. Важно се неколку елементи. Прво, важно е никој да не биде поштеден од целосна истрага и прогон, доколку учествувал во криминални операции. Тоа е единствен начин за екцизија на метастазата која сега нѐ мачи. Ова звучи полесно одошто е, имајќи предвид дека целото ткиво на македонското општество е испреплетено со интереси, роднински и други врски, заплеткано како гордиев јазол. Вториот важен елемент е, оваа афера да не значи амнестија за оние кои биле предмет на рекетирањето, доколку се докаже дека се виновни. Тоа би бил пораз во обратната насока, и би донел неповратни последици за општиот правен поредок. Третиот, и можеби најважен, елемент, е СЈО да продолжи да работи. Оваа операција е очигледен план за убиство на СЈО, ние не смееме тоа да го дозволиме. СЈО како институција мора да остане поголемо одошто евентуалните индивидуални грешки. Тука можеби треба да се размислува за обвинител за гонење на висока корупција кој секогаш би бил на предлог на опозицијата, или некаков посериозен систем на баланс во тој дел, но не смееме да дозволиме СЈО како симбол на борбата против висока корупција, како симбол на чистењето на општеството, да остане само влажен сон.
На прагот на нормалноста
Кај нас таа институција е персонификација на обидот на општеството да се извлече од калта на старите навики. Да се разбереме, и кај нас, и во Србија, Босна, Косово, Албанија, старите навики даваат сериозен отпор. Стариот систем на клиентелизам се бори против промени. Оние кои би ги донеле промените веднаш стануваат таргет на организиран напад. Затоа, можеби во сите земји е потребна нова операција „Сабја” – можеби тоа е вистинскиот одговор на песимизмот за подготвеноста на Балканот за влез во ЕУ кој владее кај некои земји членки на унијата.
Најпросто кажано, ние сме на прагот на нормалноста. Пречекорувањето на тој праг значи дека, со болен рез, дел од оние кои досега биле моќни, би го оставиле назад. Но непречекорувањето на тој праг значи дека вечно ќе останеме со нив во темнината.