Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Којзнае, во оваа држава можеби и е логично вака да заврши Специјалното јавно обвинителство, специјално направено да лови криминал на функционери. Ќе беше нелогично тие предмети да завршеа со пресуди.
А можеби и не треба да се прашуваме што е логично, туку што е практично. И можеби имаме преголеми очекувања од оваа власт. Си правиме бајрам на умот без контакт со реалноста. А во реалноста, шоуменот Боки 13 е ѕвездата околу која се вртела цела политичка, бизнис и правосудна елита. Во таа реалност Орце Камчев е жртва, оти морал да плаќа мито за да биде ослободен од обвинение. Во таа реалност, специјална обвинителка покренувала истраги за да може да ќари ако ги ослободи осомничените и обвинетите. И како капак на сѐ, во таа реалност за судбината на СЈО одлучуваат пратеници осомничени и обвинети баш од тоа СЈО. И како капак над капакот, Специјалната обвинителка од притвор, му дава наредба на Државниот обвинител, кој наредил да ја притворат, да ги преземе нејзините предмети, и тој ја прифаќа наредбата.
Колку и да не сакам да се сеќавам на Ѓорѓе Иванов, пак се враќаме на неговата легендарна изјава дека ова е космодиск демократија. Звучи шашаво, ама функционира.
Реалноста е камионот со кој се изнесуваше каучот на Специјалната обвинителка подарен од шоуменот во знак на благодарност од бизнисменот.
Намалете со очекувањата од животот во Македонија.
Целата колумна на СДК на следниот линк.