Постигнат мал напредок во однос на Гоце Делчев, продолжуваат разговорите за ова прашање

од desk2
190 прегледи

Различни аспекти од прашањето за значењето на личноста и делото на Гоце Делчев во контекст на неговото значење за историското сеќавање на двата народи биле разгледани денеска на вториот ден од состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија.

Дискусијата за евентуалното заедничко чествување на личноста и делото на Гоце Делчев, како што потврдија за МИА од Комисијата, била исцрпувачка, но плодна и направен е мал напредок поради што членовите на Комисијата ќе продолжат да разговараат во однос на ова прашање, како и за други отворени прашања од значење за Комисијата и во контекст на градење на добрососедските односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ и двете држави.

Членовите на Комисијата вчера работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки за учебниците за седмо одделение во Северна Македонија и шестти клас во Бугарија.

– Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период, потврдија за МИА извори од Комисијата.

И покрај разликите членовите на Комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави и имале можност, како што велат оттаму, да си укажат едни на други што е тоа што им пречи од тие учебници.

Ова, како што велат од Комисијата, е многу важно за да им се овозможи на двете страни да развијат чувство за начинот на кој другиот гледа и го вреднува минатото.

На вториот ден од седмиот состанок на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања се разговарало и за утврдување на датумите на следните средби. Начелно е прифатено следната средба да се одржи во средината на октомври, но точниот датум останува отворен поради усогласување на ангажманите на членовите на комисијата.

Состанокот во Софија е продолжение на претходниот, кој се одржа во Скопје во јуни. Ова е четврта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината се предвидени уште две средби.

Од претходните шест средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем беа усвоени на последиот состанок, што се одржа на почетокот на јуни во Скопје.

Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, согласно со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум членови од двете држави, претседател од македонска страна е Ѓоргиев, а од бугарска Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.

Слични содржини