Науката докажа: луѓето се сè поглупави

од desk4
154 прегледи

 

Во текот на изминатиот век, секоја генерација растеше во поинтелигентни луѓе отколку нивните родители. На стандардни тестови за интелигенција, кои децата ги полагаа во повеќето земји од развиениот свет, на секои неколку години просекот се движеше нагоре. Она што беше просечно IQ во 1950 година е далеку под просекот измерен, на пример, во 1980 година.

Овој феномен го доби името Флинов ефект, по научникот Џејмс Флин од Нов Зеланд, кој беше првиот што го забележа овој тренд. Со оглед на тоа тестовите за интелигенција се стандардизираат редовно – калибрирани на голем број субјекти за да се проценат просеците и разликите – така и секоја генерација ќе постигне идентични резултати на тестот. Дури откако Флин и неговите колеги одлучија да ги споредат резултатите од повеќе генерации, тој сфати дека просекот се зголемува. Секоја деценија, просечниот коефициент за интелигенција се зголемувал за околу три поени. Она што во 1980 година бил IQ 100, доколку бил измерен во 1930 година, би бил IQ 115.

Флиновиот ефект важеше во поголемиот дел од 20 век – секоја генерација стана поинтелигентна, но сè повеќе податоци укажуваат дека овој тренд завршува и пресврт во друга насока. Колективниот коефициент на интелигенција, по сè изгледа, почна да се намалува низ целиот свет.

Што се случи?

Од раните 90-ти до денес, коефициентот на интелигенција почна да се намалува во развиениот свет. Овој тренд првпат го забележаа норвешките научници што ги проучуваа резултатите од тестовите за интелигенција на воените регрути помеѓу 1950 и 2002 година. Податоците од минатиот век во голема мера беа во согласност со Флиновиот ефект, но во средината на 90-тите години Флиновиот ефект исчезна и интелигенцијата почна да опаѓа.

Следуваа вознемирувачки потврди за новиот тренд, добиени од податоците за интелигенција од данските регрути, потоа податоци од Велика Британија собрани од самиот Флин. Според една студија од 2009 година, просечниот коефициент на интелигенција на 14-годишни Британци паднал за околу два поени меѓу 1980 и 2008 година.

Според сите расположиви податоци, Флиновиот ефект започнал да се забавува во осумдесеттите години на минатиот век, а целосно исчезнал во 90-тите години. Човештвото, се чини, го достигна врвот на колективната интелигенција и појде во обратна насока.

А што е IQ?

Циниците би рекле дека тоа е тест што ја мери „можноста да се решат тестови“. Бројни експерти, кои се занимаваат со истражување на интелигенцијата, а не можат да се согласат за заедничко дефинирање на општата интелигенција, но сепак би се согласиле дека тоа не е ирелевантен фактор.

Општата интелигенција главно се дефинира како брзина на учење, можност за справување во нови и непознати ситуации, можност за справување со комплексни предизвици. Не можеме да бидеме сигурни дека тестовите за интелигенција тестираат токму таква интелигенција, но што и да мерат овие тестови, тоа покажува значителна корелација со голем број позитивни исходи од животот.

Луѓето на кои им е измерен натпросечен коефициент на интелигенција се поуспешни во образованието и изборот на кариера, заработуваат повеќе од просечно, поретко завршуваат во затвор и генерално живеат подолго и поздраво. И покрај ова, тие не се посреќни од просечните и веројатно ќе страдаат од кратковидост.

Што го предизвика Флиновиот ефект?

За да се знае зошто тој исчезна, добро би било да се знае што воопшто го предизвикало. Влијанието на гените врз интелигенцијата е доста значајно, но не и круцијално.

Еднакво важни за развојот на интелигенцијата се и надворешните фактори – околината во која растеме, исхраната, колку често сме болни, поттикнувачко и стимулирачко опкружување и многу други фактори што досега не ги идентификувавме.

Интелигенцијата во многу аспекти е како висината – во текот на минатиот век, генерациите исто така сè повеќе растеа со пораст на просечната висина.

Иако гените за висина не се менувале ниту, пак, за интелигенцијата, децата пораснале во сè поздрава животна средина, со заразни болести, подобра исхрана и подобро образование.

Промените во општеството доведоа до различно изразување на гените што нè направија сè поинтелигентни.

Кои теории го објаснуваат падот?

Контроверзниот научник Ричард Лин е голем поборник на „дисгенетиката“ – поим спротивен од евгеника. Според него и неговите истомисленици, падот на коефициентот на интелигенција се јавува затоа што луѓето со понизок коефициент на интелигенција во современото општество имаат повеќе деца.

На хартија звучи логично – ова е премисата на култната комедија „Идиократија“ од 2006 година, во која образованите високоинтелигентни луѓе имаат сè помалку деца, додека губитниците што живеат во камп-приколки се размножуваат како зајаци. Лин за опаѓањето на интелигенцијата ги обвинува имигрантите од земјите каде што просечниот коефициент на интелигенција е помал отколку во земјите каде што е забележан пад, како што се Велика Британија, Норвешка и Данска, но најновата норвешка студија ги погреба сите негови тврдења. Научниците Бернт Братсберг и Оле Рогеберг од Рагнар Фриш центарот за економски истражувања во Осло објавија детална студија минатата година во престижното научно списание ПНАС, во кое се дадени многу убедливи аргументи дека и Флиновиот ефект и неговиот пресврт биле предизвикани од фактори на животната средина.

Како можеме да знаеме дека е виновна околината?

Братсберг и Рогберг го разгледувале развојот на коефициентот на интелигенција во рамките на одделни семејства – меѓу браќа и сестри кои припаѓаат на различни генерации и откриле дека пресвртот на Флиновиот ефект влијае и на семејствата, не само на просекот на целото население.

На пример, брат и сестра родени по 1990 година помеѓу кои има десет години разлика во возраста ќе имаат во просек меѓу половина и два бода разлика во коефициентот на интелигенција, при што помладиот брат или сестра има помал коефициент на интелигенција.

Норвешките научници ги проучувале и ги елиминирале сите други опции, како што се повеќе деца родени во семејства чии родители имаат просечен или понизок коефициент на интелигенција, или влијанието на миграцијата, за кое сметаат дека е занемарливо.

Интелигенцијата на помладите генерации опаѓа, околу два поени на секои десет години, и не се виновни ни дисгенетиката ни мигрантите, но овој пад е забележлив кај секое просечно семејство. Единствено преостанато објаснување е дека има нешто во околината во современото општество што ги спречува децата да се развиваат.

Што би можело да ги заглупавува децата?

Флин претпоставува, иако сè уште нема конкретни докази, дека културата на младите стагнирала или буквално заглупавела. Исто така, изразува загриженост дека младинската култура денес се фокусира првенствено на компјутери и видеоигри, наместо да читаат и да зборуваат едни со други. Експертот Ричард Греј, исто така, предупредува дека компјутерската култура, во денешно време засилена со паметни телефони, не го охрабрува читањето и им олеснува на младите луѓе да учат без разбирање, само за да ги поминат тестовите. Но, бројни студии постојано покажуваат дека играњето видеоигри го развива мозокот и го крева коефициентот на интелигенција.

Светската здравствена организација има уште едно едноставно и страшно објаснување: порастот на загадувањето на воздухот. Без оглед на заложбите на современите општества да го минимизираат загадувањето, особено во една еколошка земја како Норвешка, загадувањето на воздухот денес е глобална работа. Зголемувањето на микрочестичките во воздухот се проценува дека влијае на здравјето дури на 90 отсто од светската популација денес.

Исто како што подоброто здравје и подобрата храна долг период ги правеа децата попаметни, глобалното загадување може да биде одговорно за забавување и запирање на нивниот развој. Ако нешто итно не преземеме, прашањето не е само каков свет ќе им оставиме на нашите деца, туку и какви деца ќе оставиме на тој свет.

Слични содржини