Aерозагадувањето и пушењето најчести причини за хронична опструктивна белодробна болест

од Ивана Рамаданова
558 прегледи

Се проценува дека пет отсто од населението во државава односно 147.000 луѓе би заболеле од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Најчести причини за заболувањето се пушењето, аерозагадувањето и работа во несодветни работни услови. Аерозагадувањето ја влошува состојбата кај пациентите со ХОББ, астма, а со пушењето има влијание и во однос на зголемувањето на бројот на пациенти кои би добиле карцином на белите дробови. Не само мажи, туку и се поголем број жени заболуваат од карцином на белите дробови, кај кои ПМ честичките помали од еден микрометар се депонираат најдлабоко во дишните патишта и тие можат да бидат еден од факторите за болеста.

Ова денеска го истакна директорот на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на ХОББ. Тој препорача пациентите со ХОББ да носат маски кога излегуваат надвор, а е високо аерозагадувањето. Се предвидува, посочи, дека идната година ХОББ ќе биде трета најчеста причина за смрт од сите болести во светот.

„Од Министерството за здравство добивме 3.500 маски кои ги делиме на пациентите. Кога се дома овие пациенти не треба да ги отвораат прозорците, редовно треба да ја земаат пропишаната терапија и да внесуваат голема концентрација антиоксиданси, витамин Ц и Е…Имаме податок дека 37 отсто од населението во државава пуши. Во сите развиени земји се води грижа за населението и го ограничуваат во однос на пушењето или ги стимулираат тие кои не пушат. Според мене, уште од најмала возраст треба да се укаже на штетните последици од пушењето“, рече д-р Докиќ.

Додаде дека во опаѓање е бројот на хоспиталните пациенти, а на амбулатските пациенти е ист.

Доктор Бисерка Ќаева рече дека кислородната поддршка е неопходна за овие пациенти кај кои снабденоста на крвта со кислород е ниска и како резултат на тоа не страдаат само белите дробови, туку и срцето, мозокот и ендокриниот систем…

„Потешко болните пациенти кои немаа кислородна поддршка во домашни услови беа хоспитализирани и примаа терапија. Сега благодарение на апаратите кои обичниот кислород го прават подобен за инхалирање во домашни услови, пациентите минимум 16 часа во текот на денот го користат кислородот и на тој начин превенираат многу други симптоми и заболувања“, додаде д-р Ќаева.

На Клиниката за пулмологија, рече директорот Докиќ, имаме три апарати за неинвазивна терапија.

Доктор Горица Бришковска истакна дека и покрај терапијата која ја имаат на располагање и користењето на домашната оксигена терапија кај пациентите со ХОББ во текот на годината има влошување на основното заболување и тие состојби може да бидат животозагрозувачки.

„Се смета дека годишно 30 отсто од пациентите во такви состојби доаѓаат на Клиниката и се поставуваат на неинвазивна терапија со позитивен притисок. Ова се апарати со чија помош пациентот дише под притисок одредена количина на воздух и при тоа постигнуваме подобрување на нивото на кислородот во организмот, а од друга страна се елиминира јаглеродниот диоксид кој го има повеќе во организмот кај овие пациенти со тешка ХОББ“, додаде д-р Бришковска.

Слични содржини