Мицкоски да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Барањето, аболицијата на криминалци нема да заживее, правда мора да има и ќе има

од Ивана Рамаданова
323 прегледи
СДСМ поднесе Барање за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување, за да се спречат најавите да се врати незаконската аболиција на Иванов, соопштуваат од партијата.

Според нив, ова е шанса за пратениците на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дали се за правда или ќе слугуваат на криминалците.

„Христијан Мицкоски нека ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за Барањето. За предметите за кои се води постапка пред СЈО а сега се преземени од ЈО правда мора да има. ВМРО-ДПМНЕ стои зад иницијативата пред Уставниот суд која има за цел да ја оживее аболицијата на Ѓорге Иванов против која застанаа сите слободоумни граѓани освен режимската ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Од владеачката партија велат дека со отворање на постапка пред Уставниот суд за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали.

„Инсталациите на ВМРО-ДПМНЕ во судството и обвинителството прават се за да го попречат владеењето на правото и да го урнисаат правосудниот систем“, велат од СДСМ.

Од таму порачуваат дека колку тоа да им се допаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски или не, граѓаните и институциите нема да им дозволат да го опструираат правосудниот систем.

Слични содржини