Повеќе од две третини од граѓаните ќе гласаат за влез на Северна Македонија во НАТО доколку утре се одржи референдум, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за емисијата „Детектор“ на Сител телевизија го изработи Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 67,3 отсто од анкетираните ќе дадат поддршка за членство во НАТО доколку утре би се организирал референдум по ова прашање. Скоро 14,6 отсто од граѓаните велат дека ќе гласаат против, додека 18,1 отсто немаат одговор.
Во споредба со анкетата која Институтот за политички истражувања Скопје ја изработи за Детектор
во февруари годинава, не се забележуваат значајни промени.
Намален е бројот на граѓани кои би дале поддршка, но за уште поголем процент се намалил и бројот на оние кои би гласале против.
Па така, од 70,1 отсто во февруари бројот на граѓани кои на рефернедум би гласале за влез во НАТО
паднал на 67,3 отсто. Истовремено од 18,1 отсто во февруари, бројот на оние кои на референдум би
гласале против се намалил на 14,6 отсто.
Најголеми промени има кај граѓаните кои останале без одговор. Од 11,9 отсто во истражувањето во
февруари, оваа бројка сега се зголемила на 18,1 отсто граѓани кои немаат одговор на ова прашање.
Членството во НАТО според граѓаните ќе донесе бројни придобивки за државата.
Дури 47,5 отсто од граѓаните сметаат дека со влезот на земјава во НАТО значително ќе се зголемат
инвестициите во економијата, додека 30,8 отсто не очекуваат вакви придобивки.
Интересно е дека мажите се поголеми оптимисти од жените. Така 53,7 отсто од анкетираните мажи и 41,4 отсто од анкетираните жени очекуваат повеќе инвестиции во Македонија со влезот во НАТО.
Повеќе од половина од граѓаните, или 50,5 отсто очекуваат со влезот во НАТО да се зголеми
безбедноста во државата, додека 28,8 отсто немаат такви очекувања.
Според етничката припадност, етничките Албанци се тие кои во поголемо мнозинство очекуваат
поголема безбедност со членството во НАТО. Дури 66,1 отсто од анкетираните етнички Албанци очекуваат дека со членството во НАТО ќе се зголеми, наспроти 45,9 отсто од етничките Македонци кои имаат такви очекувања и 45,8 отсто од граѓаните од останатите етнички заедници.
Вкупно 43,3 отсто од анкетираните очекуваат со влезот во НАТО за да се забрза и процесот на евроинтеграции додека 32,8 отсто немаат такви очекувања. И тука, повторно поголеми оптимисти се мажите. Од нив 49,5 отсто очекуваат побрза евроинтеграција со членството во НАТО, за разлика од 37,2 отсто жени кои имаат такви очекувања.
Мнозинство граѓани сметаат дека македонскиот буџет нема доволно капацитет да го издржи
членството во НАТО. Вкупно 33,1отсто од граѓаните сметаат дека македонскиот буџет не може да одговори на потребите и обврските за зголемено финансирање на одбраната кои произлегуваат од членството во НАТО за разлика од 30,4 отсто кои сметаат дека буџетот ќе може да го поднесе членството.
54,7 отсто од анкетираните сметаат дека треба да се одвојуваат повеќе средства од буџетот за
потребите на Армијата додека 19 отсто се противат на оваа идеја.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена
телефонски во периодот од 16 до 19 ноември, врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници
со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти.