Заев ќе ја прави листата рамноправна, Мицкоски ќе биде шпицен кандидат

од Aleksandar Todeski
360 прегледи

Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе ги спроведат јавно предложените измени кои нема да се најдат во Изборниот законик, откако најголемата опозициска партија и владејачката ДУИ ја блокираа Комисијата со илјадници амандмани за една изборна единица и отворени листи.

Сепак, како што велат извори на Локално од двете партии, ништо не ги спречува Заев и Мицкоски да го спроведат замисленото, односно на кандидатските листи на СДСМ да се најдат 50% мажи и 50% жени, додека пак лидерот на опозицијата да биде „шпицен кандидат“, односно да не се кандидира за пратеник, а доколку ги изгуби изборите да се повлече од политичката сцена.

Од СДСМ брифираат дека премиерот Зоран Заев најверојатно ќе биде носител на четврата изборна единица, како што беше и на минатите избори, а на листите нема да се најдат дел од актуелните пратеници кои се врзани со низа скандали, од земање на огромни суми за патни трошоци, па се до осомничени или јавно обележани како инволвирани во кривични дејствија.

На листите на ВМРО-ДПМНЕ пак, како што велат извори од партијата, најголем дел од кандидатите за пратеници ќе бидат имиња кои не се дел од актуелниот пратенички состав. Мицкоски веќе ја проверува популарноста на 120 имиња помеѓу членовите на партијата, со што за скоро време веќе ќе ги има составено листите за сите шест изборни единици. Се проверува и кој би бил најпопуларниот кандидат помеѓу членството, со цел да биде носител на четвртата изборна единица, односно дирекно да му се спротивстави на премиерот Заев.

Сепак, додека си ги промовираат своите предлози за измени во Изборниот законик,  Заев и Мицкоски не ги прифаќаат предлозите од другиот, па така додека од СДСМ тврдат дека се знае кој би бил мандатар од коалицијата и какви последици сноси доколку не биде избран, додека пак од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на нивните листи за овие избори застапеноста нема да биде 50-50, односно очигледна е тенденцијата на нивните листи повторно да се најдат повеќе мажи отколку жени.

Останува извесно дека на листата на СДСМ повторно ќе се најдат вицепремиерката Радмила Шекеринска, министерките Мила Царовска и Рената Дескоска, а новост на листата ќе биде и новата министерка за финансии, Нина Ангеловска. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, во составот ќе останат Антонио Милошоски, кој претходно го критикуваше изборот на Мицкоски за лидер на опозициската партија, но и Благица Ласовска и Дафина Стојановска. Како новитет ќе биде професорката Гордана Силјановска-Давкова, која откако беше најавена како натпартиски кандидат за претседател и ги изгуби изборите од актуелниот претседател Стево Пендаровски, остана блиска до ВМРО-ДПМНЕ. На листите како што дознаваме ќе биде и Владимир Нелоски, но и генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

А.Т.

Слични содржини