Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за здравство, Венко Филипче денеска во Владата остварија средба со пензионерите од скопскиот регион.
На средбата пензионерите со владините претставници разговараа за претстојното зголемување на пензиите, за воведување на социјалната пензија и за развој на социјални услуги на локално нив, подобрувањето на здравствените услуги за пензионерите, кои како што беше констатирано доаѓаат како резултат на стабилизирањето на Пензискиот фонд и позитивните резултати од реформите во пензискиот систем.
„Пензионерите, нашите сограѓани, родители, мајки и татковци, баби и дедовци, преку 300 илјади граѓани на нашата земја, се дел од оние кои го заслужуваат најголемото внимание. Целиот работен век го вложувале за напредокот на нашата земја, ги вложувале своите капацитети на работните места, во домот и семејството. Затоа заслужуваат да имаат пристојни пензиски денови. Да им се оддолжиме достоинствено“, рече премиерот Заев во своето обраќање кон присутните.
Тој додаде дека покачувањето на пензиите е резултат на позитивните економски и е исполнување на најавата уште во април кога беше констатирано дека постои економски раст во земјата.
„Од идниот месец, сите пензии во државата ги зголемуваме за 700 денари коишто ќе влезат во основицата на пензијата. До крајот на годината, пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година, просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари“, истакна министерката Царовска.
Со министерот Филипче пензионерите разговараа за новата мерка, укинувањето на квотите за лекови на рецепт, која покажува одлични резултати во надминувањето на недостигот на лекови на рецепт.