Пет фирми се санкционирани од Општина Карпош при проверки од страна на секторите за инспекторат и за урбанизам на општината. Меѓу фирмите е и Систина на бизнисменот Орце Камчев, која требаше да гради на земјиштето зад клиниката Жан Митрев, но сега останува без дозвола бидејќи повеќе од две години откако било дадено одобрението, не е почнато со градба, што е спротивно на законите.
Од Општина Карпош за Локално потврдуваат дека петте фирми се санкционирани по различни основи. Камчев пак, како што појаснуваат од Општината, го прекршил законски предвидениот рок, што е увидено во редовна постапка за државни земјишта кои се отуѓени и се во приватна сопственост.
„Станува збор за активност по службена должност, сектор за инспекторат и сектор за урбанизам. Постапката започнува на 19 јули 2019 годинава, уште во летниот период, при што е констатирано дека четири години немаат започнато со градење. На лице место има тараби, но оградувањето не значи почеток на градба, таму не се гради, туку има еден багер кој не е тргнат подолго време“, велат од таму за Локлано.
Земјиштето е купено во 2014 година, а одобрението е дадено наредната, 2015 година, во време кога градоначалник е Стевчо Јакимовски, што значи дека до денеска поминале четири години, а максимум дозволениот период за да отпочне градбата е две години. Како што дознава Локално, државното земјиште е отуѓено, односно купено за цена од 3,060 денари од метар квадратен, а вкупно постигнатата цена изнесува 34.293.420 денари.
Фирмите може да упатат жалба до Министерството за транспорт и врски на оваа одлука од Општина Карпош, но како што велат од таму, јасни се законските рокови кои овие фирми не ги испочитувале.
Александар Тодески