Премиерот Зоран Заев на сребдата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе разговара за имињата кои ќе влезат во техничката влада, како процедура која се случува пред изборите. Тој кажа дека сепак останува отворен да разговараат и на други теми, а како пример го наведе и изборниот модел.
„Утрешната средба е на барање на господинот Мицкоски. Тој е должен да ги консултира двете најголеми владејачки партии. Ќе разговараме за името на новиот министер за внатрешни работи и сите други имиња. Тоа се темите, јас секогаш ги користам овие средби за да отворам други прашања, други теми немаме, ако има ќе ги кажеме, ако не, секако дека нема да има што да објавиме. Јас сум секогаш отворен да разговараме за изборниот модел“, истакна премиерот.
Инаку освен со Заев, утре Мицкоски ќе се сретне и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кој исто така ќе разговара за имињата кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предложи за техничката влада, која ќе биде избрана на 3 јануари, а ќе почне да функционира еден ден подоцна.